Заменик-претседателот на Судскиот совет за разрешувањето на претседателката со оправдување: Сè што не е забрането е дозволено

Во врска со прашањето за разрешувањето, заменик-претседателот на Судскиот совет вели дека има орган кој може да утврди дали одлуката на Советот е законска или не, односно Уставниот суд и ја упатува Дамева да поднесе иницијатива

Заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, кој го иницира разрешувањето на претседателката на Советот, Весна Дамева, во интервју за „Порталб“ вели дека се согласува со правните експерти дека со Законот за Судскиот совет не е предвидено разрешување на претседателот на ова тело. Сепак, во своето толкување на ова прашање, за кое првпат јавно го изнесува својот став, вели: „сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“.

„Нека излезе секој професор, кој било експерт, нека каже кој член од законот е прекршен. Јас, искрено, се согласувам со она што го кажаа дека ова прашање треба да се регулира. Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но сè што не е забрането со устав и со закон е дозволено“,вели Адеми.

Весна Дамева во средата на контроверзен начин беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, што предизвика бран реакции од експерти и невладини организации, кои, меѓу другото, посочија дека ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот, кој ја уредува работата на ова тело, не е предвидена процедура за разрешување претседател. „За“ разрешување на Дамева гласаа седуммина членови на Советот, иако за избор на претседател се неопходни најмалку осум гласа во телото со 15 члена.

Толкувајќи го Законот, Адеми вели дека Судскиот совет одлуките ги носи со мнозинство гласови, па така било и со разрешувањето на Дамева.

„Во Советот имавме мнозинство и беше гласано 7 спрема 5. Советот брои 13 члена, плус два члена без право на глас, но Законот се однесува на 13 члена кои имаат право на глас, значи седум е мнозинството во секоја одлука на Судскиот совет, доколку со закон не е предвидена друга процедура“вели заменик-претседателот на Судскиот совет.

Според него, со Законот е регулирана само процедурата за избор на претседател која налага дека тој мора да биде избран со осум гласа.

„Значи, претседател се избира со осуммина гласови, но со Законот не е регулирано со колку се разрешува и тука е правната дупка. Никаде не пишува дека ако те избираат со осум гласа и те разрешуваат со осум гласа. Добро би било комисијата за реформи во Министерството за правда да го регулира ова прашање“вели Адеми.

Адеми не се согласува со експертите кои сметаат дека Дамева не можела да биде разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет без претходно да биде разрешена од член на Советот, по претходно спроведена соодветна дисциплинска постапка, за што, исто така, е потребно мнозинство од осум гласа.

Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека Дамева е разрешена спротивно на Законот за Судскиот совет

„Експертите погрешно толкуваат… Таму пишува дека со осум гласа се разрешува (од член на Судскиот совет), но Весна Дамева не е разрешена од функцијата член на Судскиот совет, таа продолжува да биде член, таа е разрешена од функцијата претседател“вели заменик-претседателот на Судскиот совет.

На крајот од одговорот на прашањето околу законитоста на разрешувањето на Дамева, заменик-претседателот на Судскиот совет вели дека има орган кој утврдува дали одлуките на Советот се законски или не, а тоа е Уставниот суд.

„Дамева нека покрене иницијатива пред Уставниот суд дека одлуката е незаконска и противуставна, па потоа Уставниот суд нека утврди дали е незаконска“вели Адеми.

Дали разрешувањето било незаконско, Адеми одбегна да одговори во четвртокот кога беше закажана седница за избор на нов претседател на Судскиот совет, но се одложи и беше презакажана за 2 мај. На прашањата на новинарите, кои му ги посочија и реакциите, тој неколкупати одговараше дека има институции кои можат да утврдат дали е законски или незаконски разрешувањето.

Судскиот совет не гласаше за нов претседател, заменик-претседателот не коментира дали законски ја разрешиле Дамева.

Back to top button
Close