Заменикот во АНБ кој се поврзуваше со „непријателот“ ДУИ бил избран по проценка и консултации во институциите, велат од Влада
Старо – новиот заменик директор на Агенцијата за национална безбедност Бесник Ферати кој се поврзуваше со ДУИ и беше дел од раководството на Агенцијата кое владејачката ВМРО-ДПМНЕ жестоко го критикуваше додека беше во опозиција, бил именуван пред неколку недели како резултат на проценка и консултации во рамки на институциите, согласно законските процедури и безбедносните проверки кои претходат на секое именување, велат од Владата на прашање на „Слободен печат“ како е именуван Ферати со оглед критиките кон него.
Од владата тврдат дека тие како опозиција го критикувале начинот на злоупотреба на институциите и целиот модел на државата, а за критиките на политичката партија „Левица“ ги повикаа сомнежите да ги пријават во институциите.
– Ја разбираме загриженоста на јавноста и потсетуваме дека нашата позиција како опозиција во минатото беше насочена кон критика на начинот на злоупотреба на институциите, кон целиот модел на заробена држава што го практикуваше претходната власт. Денес, институциите не се инструмент за политички прогон, туку за професионално и законско постапување. Сите законски одредби се испочитувани. Ако постојат сомнежи, повикуваме истите да се поднесат пред надлежните институции, а не да се користат за дневнополитичка манипулација – велат од Владата за „Слободен печат“.
…