Замислете сите луѓе да споделуваат само лаги
Imagine all the people sharing only lies yo – hooo
Со овој алтернативен стих од песната Imagine на Џон Ленон би се поврзал со една појава која што можам да ја забележам дека се шири по социјалните мрежи и зима се поголем замав. Неполни две години од излегувањето на новите можности со вештачката интелигенција и генераторите на слики, наеднаш во светот се појавија такви цртачки и сликарски мајстори какви, бар до сега, јас во мојата проофесија немам видено. Наеднаш светот го преплавија такви таленти што просто човек да се чуди каде беа до сега.
Се снимаат на видеа и ја покажуваат својата цртачка моќ, а не се нешто млади деца па да кажеш сега почнуваат, значи имале време таа своја вештина да ја покажат и на друг начин, ако навистина ја имаат. И најчесто, што барем мене ми се појавуваат како видеа на мојот „Фејсбук“ ѕид се некакви портрети на
Џон Ленон, за кои авторите велат дека се сработени во МОЛИВ, со таква фото реалистичност да просто е неверојатно. И не е само Џон, тука се и другите Битлси, но и сосема рандом други тематики но со истото тврдење. „Изработени во молив. Многу време ми беше потребно.”
Да не бев уметник самиот, не знам, можеби и јас ќе се прелажев, но сепак мислам дека и лаици можат да приметат дека со изложените „дела” нешто не штима. Од лично искуство знам што е молив и какви се неговите перформанси, начинот на работа и како тој изгледа кога ќе се стави на хартија. Барем јас, до сега немам видено ниту еден уметник да може да постигне таков степен на фотореализам како што можат овие новоизникнати „уметници”. Но, она што го гледам на приложените„цртежи” молив не е. Не е воошто употребена човечка рака, освен да исклика некои потребни кликови во одреден софтвер. Дури и видеата со кои демек докажуваат дека е верно и дека е цртеж се гледа дека се лажно сработени. Значи нема понатаму двоумење дека тоа е лага, фејк.
Покрај овие фејк артови само ќе ги спомнам исто така наеднаш појавениот наплив од видеа за НЛО и ванземаљци и ѓоамити докази за нивното присуство од најдамнешни времиња или да илустирам со „фотки од ванземаљци како градат пирамиди“. Но сега се прашувам нешто друго. Која е таа внатрешна потреба некој да земе, свесно да направи лажно нешто и да го промивира јавно на цел свет дека тоа е нешто веродостојно. Каков е тој профил на личност која може тоа да го прави само за да собере лајкови или да има кликови и да биде виден. Зарем потребата од валидација е толку силна да преминува дури во патологија. Не сум стручно лице да дадам некоја дијагноза, но чисто како лаик гледам дека некое пореметување е во прашање.
И само ќе спомнам но нема да образложувам дека таквите дела, дури и да се вистински, направени со човечка вештина, не се никаква УМЕТНОСТ, туку само вештина. За уметност треба нешто друго, што тие дела за жал го немаат. Забележувам дека најголем дел од луѓето што ги прават овие фејк артови се млади мажи. Дали во денешното време на борбата меѓу половите на некои тоа им е единствен начин да се изборат за некое внимание покрај големата конкуренција на женски задници и предници на „Тик Ток“ и останатите платформи, па мора на ваков начин. Впрочем фејк задници и предници и фејк арт тоа му доаѓа некако исто. Но останува и прашањето зошто таква потреба воопшто.
Ова е нешто што денес постои секаде, независно од исток, запад север или југ. Постои и доаѓа од таму каде што се присутни новите технологии. И тука се поставува уште едно прашање. Дали денешнава цивилизација е толку застранета да ние дојдовме до дереџе на наплив на лаги или е само немоќна да се избори со темпото на технологијата чии развој ја надминува брзината на нашата способност да се прилагодиме на неа. Што и да е, не ни е на арно работава.
Некој ќе рече, но тоа се бенигни работи, лузери сакат да привлечат внимание, и го прават тоа преку уметност пошто уметност е кул, а ванземаљците се забавни. Но ако ги земеме подобро предвид можностите на овие технологии ќе видиме дека тие лесно можат да се употребат и во небенигни цели кои
воопшто не се забавни. Впрочем и тоа се прави на големо. Веќе имаме можности за правење цели видеа генерирани од ВИ, имитација на гласови на луѓе и нивни лица. За сега можеби се уште може некако да се забележи разликата кога нешто е фејк, но знаејќи дека компјутерската технологија брзо напредува, само е прашање на време кога, а не дали ќе се постигне степен на верност со која нема да можеме лесно да се носиме. Тогаш дефинитивно ќе се збогуваме со светот кој го познававме, влегувајќи во еден потполно исконструиран свет, свет на невистини и лаги, во кој секој кој има некаков центар на моќ ќе може да манипулира јавноста или што би рекле нашите политичари, народот.
Тоа нема да биде свет на виртуелна реалност. Тоа ќе биде свет на виртуелна нереалност, виртуелна лага. Бидејќи историјата не учи дека секогаш кога човекот дошол до нова технологија, барем еднаш, ако не повеќе пати, ќе ја употреби нејзината најтемна страна. А народ ко народ, наивен и немоќен да се справи со огромната компутабилна моќ на вештачката интелигенција ќе ги прифати лесно, многу полесно од што би помислиле, сите тие лаги и фејкови здраво за готово. Бидејќи покрај тие што ги прават горенаведените фејкови, кога ќе ги видите реакциите на луѓето во коментари, ќе видите дека има респектабилна бројка на луѓе кои наседнуваат и не се во можност да направат дистинкција помеѓу можно и неможно, лажно и вистинито. Ако сакаме да живееме во таков свет, тогаш добро, не мора да му ја мислиме многу, бидејќи тој сигурно ќе дојде. Но ако не ни е тоа визијата за иднината, тогаш треба сериозно да размислиме и да почнеме да наоѓаме начин за регулирање на ова чудовиште што се уште изронува од бездната, но и да се едуцираат луѓето како помалку да наседнуваат на лагите.
Сепак, комшо не му ја мисли многу за вештачката интелигенција иопасностите од неа. Тој својата, каква таква природна ќе ја искористи да гласа за ВМРО и ќе биде мирен, нема за него опасност више, бидејќи комшо веќе одамна се има разочарано од иднината. Тој гледа да преживее денес за утре и не му е гајле каква ќе биде иднината подалеку од тоа.
Матеј Богдановски