Замислувајќи свет без bullshit професии
Во интервју за неговата последна книга, Дејвид Грабер зборува за улогата на синдикатите, предизвиците што ги носи автоматизацијата и револтот на работниците кои преку нивните работни места пружаат грижа.
Дали вашата работа е бесмислена? Дали чувствувате дека вашата позиција може да биде елиминирана и сè ќе продолжи без никаква пречка? Можеби, мислите, дека на општеството ќе му биде дури и малку подобро ако вашата професија никогаш не ни постоела?
Ако вашиот одговор на овие прашања е „да“, тогаш утешете се. Не сте сами. Дури половина од професиите со кои секојдневно се занимава вработеното население може да се сметаат за бесмислени, вели Дејвид Грабер, професор по антропологија на лондонската школа за економија и автор на „Bullshit Jobs: A Theory“.
Според Гребер, истите политики на слободниот пазар што го отежнија животот и работата на толку многу вработени луѓе во текот на изминатите неколку децении истовремено произведоа многу високо платени менаџери, телемаркетери, бирократи на осигурителна компанија, правници и лобисти кои по цели денови не прават ништо корисно. Новинарот, Крис Брукс, го интервјуираше Дејвид Гребер за да дознае како се појавија толку многу бесмислени работни места и што тоа значи за активистите за работничките права.
Во вашата книга правите разлика помеѓу bullshit професии и shit професии. Можете ли да ни кажете малку повеќе за разликата помеѓу двата типа?
Па, таа е прилично јасна: shit професиите се само лоши работни места. Оние што никогаш не би сакале да ги имате. Тешки, недоволно платени, непочитувани, луѓе кои се третираат без достоинство и почит … Проблемот е во најголем дел во тоа што: shit професиите не се bullshit, во смисла на бесмислени, бесцелни, бидејќи тие обично вклучуваат правење нешто што навистина треба да се направи: возење луѓе, градење објекти, згрижување луѓе, чистење по нив.
Bullshit професиите најчесто се плаќаат доста добро, вклучуваат убави пакети со придобивки, ве третираат како да сте важни и како да правите нешто што треба да се направи – но всушност, знаете дека не сте. Така, двата типа на професии се во спротиставеност.
Колку од овие bullshit професии мислите дека може да бидат елиминирани и какво влијание би имало тоа врз општеството?
Па скоро сите – тоа е и целата поента. Bullshit работните места се оние за кои лицето што ги работи тајно верува дека ако работата (или дури понекогаш целата индустрија) исчезне, тоа нема да направи никаква разлика – или можеби, како во случајот со телемеркетерите, лобистите или многу корпоративни правни, без нив, светот би бил подобро место.
И тоа не е сè: помислете на сите луѓе кои работат вистинска работа за поддршка на bullshit работните места, ги чистат канцелариски згради, ги обезбедуваат или вршат контрола на штетници за нив, се грижат за психолошката и социјалната штета на луѓето кои работат премногу напорно за ништо. Сигурен сум дека лесно би можеле да елиминираме половина од професиите што ги извршуваме и тоа ќе има големи позитивни ефекти врз сè, од уметноста и културата до климатските промени.
Бев фасциниран од твоето поврзување на зголемувањето на bullshit работните места и зголемување на разликата помеѓу продуктивноста на работникот и платата. Можете ли да го објасните овој процес и како се развивал во изминатите неколку децении?
Да бидам искрен, не сум сигурен колку е тоа нешто ново. Поентата не беше толку за продуктивноста, во економска смисла, колку за социјалната корист. Ако некој чисти, се грижи или готви или вози автобус, вие точно знаете што прави и зошто е тоа важно. Ова воопшто не е толку јасно кога станува збор за менаџер на бренд или финансиски консултант. Секогаш постоеше извесна непропорционалност помеѓу корисноста на одредена форма на труд и надоместокот. Постојат неколку добро познати исклучоци како кај лекарите или пилотите, но генерално важи.
Она што се случи е помалку промена во моделот, а повеќе огромна инфлација на бројот на бескорисни и релативно добро платени работни места. Ние лажно се осврнуваме на порастот на услужната економија, но се уште повеќето реални работни места остануваат корисни и ниско платени – зборувам за келнери, возачи на убер, бербери и слично – и нивниот вкупен број воопшто не се промени. Она што навистина е зголемено е бројот на канцелариски, административни и менаџерски работни места, кои се чини дека се зголемија тројно, во однос на вкупниот процент на работници во текот на минатиот век или слично. Тука влегуваат бесмислените работни места.
Ким Муди тврди дека зголемувањето на продуктивноста и ниските плати имаат повеќе врска со интензивирање на техниките на управување, како што е технологија на производство веднаш и технологиите на надзор врз работниците, наместо автоматизацијата. Ако тоа е вистина, тогаш се чини дека сме заглавени во маѓепсан круг на компании кои создаваат повеќе bullshit работни места, работници кои вршат надзор, а со тоа ги прават нивните работни места по-shit. Шти мислиш за ова?
Па, тоа е дефинитивно точно ако зборувате за Амазон или UPS или Wallmart. Претпоставувам дека надзорните работни места кои се во пораст не се навистина shit работни места, затоа што тие прават нешто, иако нешто и-не-толку- убаво. Во производството, роботите навистина предизвикаа масовно зголемување на продуктивноста во повеќето сектори, што доведе до намалување на бројот на работници – иако малкумината што останаа се платени подобро од вкупниот број работници во повеќето сектори.
Како и да е, во сите овие области постои истата тенденција да се додаваат бескорисни нивоа на менаџери помеѓу шефот, луѓето со пари и реалните работници, и во голема мера нивниот „надзор“ не забрзува ништо, но всушност го забавува. Ова станува сè повистинито, особено во областа на секторите за грижа – образование, здравство, социјални услуги од еден или друг вид. Таму, создавање бесмислени административни работни места и истовремена булшитизација на вистинската работа – принудување на медицински сестри, лекари, наставници, професори да пополнуваат бесконечни формулари по цел ден – (велам придружно затоа што многу од тоа, иако може да се оправда преку дигитализацијата, е само колку да им се даде некаква обврска на бескорисните администратори), има ефект на масовно намалување на продуктивноста.
Ова е она што всушност го покажуваат статистиките – продуктивноста во индустријата вртоглаво расте, а со тоа и профитот, но продуктивноста во здравството и образованието се намалува, затоа цените растат, а профитот се одржува во голема мерка со намалување на платите. Што пак објаснува зошто има штрајкови на наставници, медицински сестри, дури и лекари и професори во толку многу делови на светот.
Друг твој аргумент е дека структурата на модерната корпорација повеќе наликува на феудализмот отколку на идеалот на хипотетичкиот пазарен капитализам. Што мислиш со тоа?
Па, кога бев на колеџ, ме научија дека капитализмот значи дека има капиталисти, кои поседуваат продуктивни ресурси, како што се фабриките, и тие ангажираат луѓе да прават работи и потоа да ги продаваат. Значи, тие не можат да им плаќаат на своите работници доколку не прават профит, но мора да им платат барем доволно за да можат да си дозволат да купат работи што ги произведува фабриката. Спротивно на тоа, феудализмот е кога едноставно директно земате профит, со наплаќање кирии, такси и долгови, претворајќи ги луѓето во должнички пиони.
Па, во денешно време огромен дел од профитот на претпријатијата не доаѓа од правење или продавање работи, туку од „финансии“, што е еуфемизам за долгови на други луѓе – наплата на кирии и такси и камати и што не. Тоа е феудализам во класичната дефиниција, „директна јури-политичка екстракција“, како што понекогаш велат.
Ова исто така значи дека улогата на владата е многу различна: во класичниот капитализам таа само го штити вашиот имот и можеби ги контролира работниците за да не станат премногу тешки, но во финансискиот капитализам ги вадите своите профити преку правниот систем, така, правилата и прописите се апсолутно клучни, во основа ви треба владата да ви дава поддршка додека ги сведувате луѓето на долгови.
И ова исто така помага да се објасни зошто ентузијастите на пазарот не се во право кога тврдат дека е невозможно или е малку веројатно капитализмот да произведе bullshit професии.
Да точно. Интересно е што и либертаријанците и марксистите имаат тенденција да ме напаѓаат врз овие основи, а причината е што и двeте струи сè уште размислуваат во основа со концептот на капитализмот, каков што постоел во 1860-тите години – многу мали фирми што конкурираат и продаваат работи. Секако, тоа е сè уште точно ако зборувате за, на пример, ресторани управувани од сопственици, и јас би се согласил дека таквите ресторани имаат тенденција да не вработуваат луѓе кои не им се навистина потребни.
Но, ако зборувате за големите фирми кои денес доминираат во економијата, тие работат според сосема друга логика. Ако профитите се извлекуваат преку такси, закупнини и создавање и спроведување на долгови, ако државата е интимно вклучена во екстракција на вишок, тогаш разликата помеѓу економската и политичката сфера има тенденција да се растопи. Да се купи политичка лојалност за вашите шеми на вадење профит е економски корисно.
Исто така, постојат политички корени во создавањето bullshit работни места. Во вашата книга се враќате на впечатливиот цитат на поранешниот претседател Барак Обама. Можете ли да зборувате за тој цитат и што имплицира во однос на политичката поддршка на bullshit работните места?
Кога сугерирав дека една од причините за bullshit професиите е што тие се политички погодни за многу моќни луѓе, се разбира, многу луѓе ме обвинија дека сум параноичен теоретичар на заговор – иако она што навистина го пишував, е повеќе теорија против заговори, бидејќи токму моќниците не се собираат и не се обидуваат да направат ништо во врска со ситуацијата.
Обама во основа тој рече „добро сите велат дека здравствената заштита би била многу поефикасна, сигурно, можеби би била, но размислете за тоа, имаме милиони луѓе кои работат на работни места во сите овие конкурентни приватни здравствени фирми заради сета таа редундантност и неефикасност. Што ќе правиме со тие луѓе?“ Значи, тој призна дека слободниот пазар е помалку ефикасен, барем во здравството, и токму затоа го претпочиташе – бидејќи одржува bullshit работи.
Сега, интересно е што никогаш не слушате политичари да зборуваат на тој начин надничарите – секогаш постои закон на пазарот кој елиминира што е можно повеќе или им ги крати платите, и ако страдаат, па, нема многу што да се направи. На пример, Обама изгледаше дека не беше толку загрижен за работниците во автмобилската индустрија беа отпуштени или мораа да поднесат огромни жртви по спасувачката програма во индустријата. Значи, некои работни места се поважни од другите.
Во случајот со Обама, прилично е јасно зошто: како што неодамна забележа Том Франк, Демократската партија донесе стратешка одлука, почнувајќи од 80-тите години на минатиот век, во основа да се откаже од работничката класа како нивна основна изборна единица и да се зафатат со професионални менаџерски класи. Тоа е сега нивната база. Но, се разбира, тоа е токму областа каде што се концентрирани bullshit работните места
Во вашата книга нагласувате дека не се само демократите институционално инвестирани во создавање bullshit професии, туку и синдикатите. Може ли да објасните како синдикатите инвестираат во одржување и размножување на bullshit работни места и што значи тоа за синдикалните активисти?
Па, тие порано зборуваа за вработување непотребни работници, а потоа, се разбира, секоја бирократија ќе има тенденција да собере одреден број на bullshit работни места. Но, она за што главно зборував беше едноставно постојаното инсистирање на „повеќе работни места“ како решение за сите социјални проблеми.
Секогаш една работа што може да ја побарате и на која никој не може да се спротивстави, бидејќи не барате слободен хонорар, барате да ви биде дозволено да заработувате. Дури и славниот марш на Мартин Лутер Кинг кон Вашингтон беше прогласен за марш за „Работни места и слобода“ – затоа што ако имате поддршка од синдикатот, побарувачката за работни места треба да биде таму. И парадоксално, ако луѓето работат самостојно, како фриленсери, тогаш не се во синдикати, нели?
Уште од 60-тите години на минатиот век постоеше еден вид радикализам што ги смета синдикатите како дел од проблемот, и со добра причина. Но, мислам дека треба да размислуваме во поширока рамка: како работничките синдикати кои некогаш водеа кампања за помалку работа, помалку часови, во суштина го прифатија чудниот размер меѓу пуританизмот и хедонизмот врз кој се темели потрошувачкиот капитализам – дека работата треба да биде „напорна“ (оттука и добрите луѓе се „вредни луѓе“) и дека целта на работата е материјален просперитет, дека треба да страдаме за да го заработиме нашето право на потрошувачки играчки.
Долго зборувате во вашата книга за тоа колку е погрешна традиционалната концепција за работата на работничката класа. Поточно, тврдите дека работните места за работничката класа повеќе личат на работата поврзана со жените отколку на работата поврзана со мажите во фабриките. Ова значи дека транзитните работници имаат повеќе заедничко со грижата што ја даваат наставниците отколку градежните работници. Можете ли да зборувате за ова и како тоа се однесува на bullshit работните места?
Ја имаме оваа опсесија со идејата за „производство“ и „продуктивноста“ (треба да „расте“, па оттука и „раст“) – што, според мене, е теолошкa идеја по потекло. Бог го создал универзумот. Луѓето се проколнати да мораат да го имитираат Бог создавајќи своја храна и облека итн. во болка и мизерија. Значи, мислиме на работата првенствено како продуктивна, создавајќи работи – секој сектор е дефиниран според неговата „продуктивност“, дури и недвижнините! – кога всушност, дури и еден краток поглед е доволен да се сфати дека повеќето работи не се создавање на ништо, туку се чистење и полирање, гледање и грижа, помагање, негување и поправање, односно грижа за работите.
Еднаш правите шолја. Ја миете илјада пати. Ова е она што секогаш било работа на работничката класа, секогаш имало повеќе дадилки и градинари и оџачари и сексуални работници, и слугинки итн. отколку работници во фабриките.
И да, дури и транзитните работници, кои можеби се чини дека немаат што да прават сега откако дури и машините за билети се автоматски, се таму во случај да се изгубат деца, или некој да се разболи, или да разговараат со некое пијано момче кое ги малтретира луѓето… (проблемот е што јавноста е условена да размислува како малограѓански газди не можат да прифатат дека нема причина луѓето да се таму само во случај да има проблем, а во меѓувреме седат и играат карти цел ден, па затоа се очекува да се преправаат дека работат цело време.) Сепак, ова го оставаме надвор од нашите теории за вредност, кои се однесуваат на „продуктивноста“.
Предлагам обратно, како што сугерираа феминистичките економисти, би можеле да размислуваме дури и за работниците во фабрика како продолжение на секторите за грижа, затоа што сакате да направите автомобили или да асфалтирате автопати, затоа што се грижите луѓето да стигнат до местото кон кое тргнале. Секако нешто вакво е во основата на чувството дека луѓето работат нешто кои има „социјална вредност“ – или уште повеќе, дека bullshit професиите немаат никаква социјална вредност.
Но, мислам дека е многу важно, да се преиспитаме како размислуваме за вредноста на нашата работа, и овие работи ќе станат сè поважни бидејќи автоматизацијата ги прави секторите за грижа многу поважни – не само затоа што, како што веќе истакнав, имајќи парадоксална последица да ги прави тие сектори помалку ефикасни, така што има сè повеќе луѓе кои треба да работат во тие сектори за да ги постигнат истите ефекти, но особено затоа што ова се областите што не би сакале да ги автоматизираме. Не би сакале робот да ни зборува кога сме пијани или да ги теши изгубените деца. Треба да ја видиме вредноста во формата на работа што навистина би сакале да ја вршат луѓе.
Кои се импликациите врз активистите за работнички права? Изјавувате дека е тешко да се замисли како може да изгледа кампања против bullshit работните места, но дали можете да изготвите неколку идеи за начините на кои синдикатите и активистите може да започнат да се справуваат со ова прашање?
Сакам да зборувам за „бунтот на секторите за грижa“. Работничките класи отсекогаш биле класи на грижа – не само затоа што тие го вршат скоро целиот труд, туку и затоа што, можеби делумно како резултат, тие се всушност поемпатични од богатите. Патем, психолошките студии го покажуваат ова. Колку сте побогати, толку помалку сте компетентни дури и да ги разберете чувствата на другите луѓе. Значи, обидот да се замисли работата – не како вредност или цел сама по себе, туку како материјално проширување на грижата – е добар почеток.
Всушност, дури и би предложил да ги замениме „производството“ и „потрошувачката“ со „грижа“ и „слобода“ – грижата е какво било дејство кое во крајна линија е насочено кон одржување или растење на друга личност или слободата на други луѓе, исто како што мајките не се грижат за децата само за да бидат здрави и да растат и да напредуваат, но најпосредно, за да можат да си играат, што е крајниот израз на слободата.
Тоа се долгорочни работи. Не побрзо, мислам дека треба да сфатиме како да се спротивставиме на доминацијата на професионално-менаџерскиот сектор, не само во постојните левичарски организации – иако во многу случаи, како Демократската партија на САД, не знам ни дали тие треба да се наречат лево ориентирани – а со тоа и ефикасно да се спротивставиме на булшитизацијата.
Сега медицинските сестри во Нов Зеланд штрајкуваат и едно од нивните главни проблеми е токму тоа: од една страна, нивните вистински плати се намалуваат, но од друга, тие исто така откриваат дека трошат премногу време за да пополнуваат формулари што не можат да се грижат за своите пациенти. Тоа за некои медицински сестри е над 50 проценти од нивното време на работа.
Двата проблеми се поврзани затоа што, се разбира, сите пари што инаку би се насочиле за да се зголемат нивните плати, се насочуваат кон вработување нови и бескорисни администратори кои потоа ги оптоваруваат со уште поголеми срања за да го оправдаат сопственото постоење. Но, честопати, тие администратори се претставувани од истите партии, дури и понекогаш во истите синдикати.
Како да излеземе со практична програма за борба против ова? Мислам дека тоа е исклучително важно стратешко прашање.
извор: Роармаг
превод: Лени Фрчкоска