Замрзнат имот во Србија и Македонија од осомничениот Марковски за злоупотреби во РЕК Битола

Основното јавно обвинителство Битола, преку Канцеларијата за поврат на имот во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, упати итно барање до надлежните органи на Република Србија за замрзнување имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со лицето Марковски осомничено за злоупотреби во РЕК Битола против кое беше поведена истрага на 9 октомври.

Од српските органи беше побарано да забранат на правното лице од Белград, на неговиот управител или на друго лице во нивно име да ги отуѓува, оптоварува или да располага со моторните возила за кои постои сомнение дека се набавени и претставуваат посредна имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага.

Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениотМарковски  го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина.

Поднесените барања се прифатени и српското обвинителство издаде наредби за замрзнување на наведениот имот.

Освен ова, од сметките на осомничениот Марковски и неговата фирма во државава, која исто така е опфатена со истрагата, по барање на обвинителството се замрзнати околу 30 милиони денари, а обвинителството побара да се забрани и располагање на дополнителен движен и недвижен имот во државава – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело, односно имот кој во иднина може да е предмет на конфискација поради сторените кривични дела кои се опфатени со истрагата.

Back to top button
Close