Западен Балкан е „проблематично место“

Со голема горчина и разочароност, и со силни изливи на жестина, луѓето во Македонија зборуваат за неправедниот и понижувачки однос на ЕУ кон земјите во Западен Балкан, за кои членството во заедничкото европско семејство и понатаму останува долга и неизвесна приказна.

„Нас не сакаат да не примат, а зошто тогаш ги примија Бугарија и Романија“, кои и тогаш, пред повеќе од деценија и пол, а и сега, сé уште не се подготвени за да го оправдаат своето членство во Унијата. Многу нешта ќе слушнете во Скопје, но најмалку подготвеност да се зборува за неопходните реформи за доближување до европските евредности, од кои добар дел не се ни до половина спроведени, а поради што Македонија мака мачи да функционира на некаков начин како извесен вид на „полудржава“ со нестабилни и разнишани институции, од кои од сите страни, од разни нивоа и низ разни дупки протекува енормна корупција, криминал, непотизам и нескриена политичка злоупотреба на јавните функции и ресури.

Многумина европски лидери и на самитот во Тирана го повторија своето убедување дека Западен Балкан припаѓа на „ЕУ-семејството“. Но она што недоволно гласно го кажуваат јавно, или што можеби свесно го премолчуваат, а што исто така е дел од нивното убедување, е дека патот е долг пред западнобалканските аспирантки да бидат пуштени во прегратката на европската топлина. Затоа и сите оние лицитации и прогнози што во јавноста ги пласира македонскиот државен врв – претседателот, премиерот и министрите, – звучат изнасилено и, најблаго речено, недоволно сериозно. Според тие прогнози, Македонија, која сé уште не ги ни започнала преговорите, почнала наводно да се доближува со поголема брзина до евроинтеграциите. И, кај и да е, годините се бројат, би можела да биде примена во ЕУ-членството до 2030 година!

Како тоа, на пример, го објаснува шведскиот премиер Улф Кристерсон по ЕУ-самитот во Тирана. „Ако погледнеме на поголем број од присутните проблеми – корупцијата и криминалот, шверцот на оружје и дроги, струењето на бегалски бранови – веднаш е мошне јасно дека Западен Балкан претставува „проблематично место“ во Европа.

Многумина сакаа да го видат самитот во Тирана и како симболичен чин за подгревање на надежите на балканските земји, кои со години залудно тропаат на ЕУ-портите. Но не беше само Кристерсон што ја напушти Тирана со изразени скептични гледишта, иако и тој, и неговите колеги, беа согласни во оценката дека токму сега е можеби поважно од кога и да било да се доближат земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

Западните лидери и понатаму гледаат кон Балканот како извозник на несигурност и нестабилност. Таквата слика околу регионот тешко се менува, а уште помалку е подложна на какво било разубавување во интерес на дневно-политичките намери и цели. Нештата треба да се сработат на задоволителен начин. Инаку ништо од напредокот. Бугарија и Романија и по многу години упорно чекање повторно останаа зад рампата пред безграничната Шенген зона.

Или ќе можеме да извеземе стабилност и ред во еден дел од Европа кому тоа му е потребно (Западен Балкан), или пак ние ќе увеземе неред и големи проблеми, како што денес веќе правиме. Ова ќе го слушнете од повеќе лидери во западноевропските земји, во Холандија, Австрија, Данска, Шведска. Гледано од нивен хоризонт постојат силни причини да се зајакне соработката со Западен Балкан, бидејќи низа проблеми – оружје, дроги, нелегална мигриција – доаѓаат во Западна Европа преку Западен Балкан.

Но за некои прашања и понатаму нема конкретни одговори. Пред сé кога станува збор за владеењето на правото и правната држава, корупцијата и организраниот криминал и гушењето на медиумските слободи, што и понатуму „цутат“ во сите западнобалкански кандидатки за членство во ЕУ. За Македонија, која веќе цели 18 години се „шутка“ во чекалната пред Брисел, не  е никаков проблем да се препознае во таквиот опис на нешата што ги сочинуваат сивите зони на секојдневието и непочитувањето на законските регулативи.

Имаме толку многу проблеми во Европа, особено сега по започнувањето на руската инвазја на Украина, кои би можеле да се решат само доколку и во овој дел на Европа (субрегионот наречен Западен Балкан) профункционираат ред и стабилност, – констатира Улф Кристерсон. А напоредно на тоа е сосема јасно дека и други земји и големи сили сакаат да извршат влијание врз западнобалканските земји.

Како и да било, несомнено се присутни силни европски интереси и понатаму да постојат добри можности за земјите аспирантки да се приклучат кон заедничкото европско семејство. Но едновремено и значајно да го поткренат нивото на својата способност да одговорат на соодветен начин на строгите критериуми и барања со кои се соочуваат на започнатиот долг пат кон Брисел. Тоа не е тунел, ниту е пак некаква фатаморгана, туку пат по кој е можно движење напред, но чиј крај и понатаму фигурира како невидлива точка.

Затоа, секакво лицитирање со оптимистички временски рокови за прием во „европската топлина“ и напуштање на студенилото во чекалната за недисциплираните ученици повторувачи, треба час поскоро да се напушти. Најдобро ќе биде македонските политички лидери навистина, без лицимерие и свесно кочење на реформите, својски да ги подвиткаат ракавите и да не зјапаат само кон Брисел, туку најмногу кон решавање на тешките проблеми со кои се соочуваат граѓаните, а за кои ЕУ полека се претвора во мисловна именка.

Од каде да се почне. Најнапред од нивото на едукација, преку трпелива работа за постепено кревање на општото ниво на граѓанскиот морал и култура, изградба на црвсти ставови за дистанцирање од ситни измами, лаги и проневери. Така во Македонија, како и на целиот Балкан, постепено ќе се засака и ќе се брани нешто друго, она што се вика – европски вредности. И тоа во едно општетство што ќе стане пристојно место за живеење, во кое ќе се поткренат не само платите и животниот стандард, туку и општество во кое ќе можете да ги сочувате здравјето и нервите.

Дали таму ќе се стигне во 2030 или можеби во 2040 година – е помалку важно.

Ивица Челиковиќ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close