Запалените возила ја „украдоа“ дебатата за Македонија во ЕП

Во дикусијата на бугарските европратеници, доминираат критики за палежот на автомобили на бугарската амбасада во Скопјe и за наводно кршење на правата на Бугарите во Македонија.

Европскиот парламент денеска ќе гласа за извештаите за напредокот на земји-кандидати за членство во ЕУ, откако на вчерашната пленарната сесија на ЕП во Стразбур известувачите ги презентираа нацрт-резолуциите од годишните извештаи за нивниот напредок. Известувачот за Македонија, Томас Вајц, рече дека регионот на Западен Балкан бил и продолжува да биде „поле за играње на странски сили“ и потсети на разорните војни на етничка основа што го зафатија регионот во 90-тите години. Toj нагласи дека постојат две земји кои избегнале масовно насилство: едната е Црна Гора, а другата Северна Македонија – држави кои имаат потенцијал да бидат меѓу водечките во процесот на проширување. Според Вајц, иако реформите во земјите кандидати не се спроведуваат колку што е можно најбрзо, пропусти има и кај ЕУ.

„Но исто така треба да признаеме и дека ние од ЕУ дававме ветувања кои не успеавме да ги исполниме“, посочи Вајц.

Тој нагласи дека овие земји, вклучително и Македонија, имаат волја да ги спроведат потребните реформи и тоа треба да биде наградено преку делумна интеграција на пазарот, делумна интеграција во однос на роамингот и преку Единствената европска платежна зона, со цел да се одржи мотивацијата.

Известувачот на Европскаиот парламент за Македонија, Томас Вајц говори на конференција, Зад него се гледа знамето на ЕУ.
Томас Вајц: И ние од ЕУ дававме ветувања кои не успеавме да ги исполнимеФотографија: DW/Virtyt Gacaferri 

Вајц потенцира дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан носи безбедносна и економска вредност за ЕУ и голем број други придобивки. Според него, по Црна Гора и Албанија, Северна Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи на Унијата.

Кос: Нема кратки патишта

Во дебатата учествуваше и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, како и европратеници кои претставуваат различни политички групи во ЕП.

„Време е да ги интегрираме земјите од Западен Балкан во ЕУ, за да ги коригираме на некаков начин грешките направени во минатото, кога околностите беа поинакви“, порача комесарката Кос.

Таа оцени дека не само земјите од Западен Балкан, туку и Украина и Молдавија се под хибридни закани.

„Колку повеќе успеваме во процесот на проширување, толку повеќе напади има (…) Ако не успееме да ги интегрираме, ако не им помогнеме да се спротивстават на непријателските дејствија кои се обидуваат да ги оддалечат од европскиот пат, ќе дојдат други и ќе ги искористат како оружје против нас“, истакна таа.

Во однос на процесот на интеграција, Кос нагласи дека она што е сигурно, е дека нема кратки патишта, дека процесот се базира на заслуги, дека се работи на постепена интеграција во различни области и дека ЕК работи на можност за воведување бесплатен роаминг за земјите од Западен Балкан.

Посегнување врз имот на суверена држава

Во дикусијата на бугарските европратеници, нашироко пренесена од бугарските медиуми, доминира случајот со запалените автомобили на бугарската амбасада во Скопјe и заштитата на правата на Бугарите во Македонија.

„Мора да има цврст одговор од ЕП на палењето на бугарските дипломатски возила во Македонија”, побарал бугарскиот европратеник Илхан Ќучук за време на дебатата.

„Мојот говор денес веројатно ќе започнеше поинаку, ако не беше палењето на бугарските дипломатски автомобили во Скопје. И ако ми кажете дека тоа е уште едно кривично дело, сакам категорично да ви одговорам: ова е недозволиво посегнување врз имот на суверена држава, членка на ЕУ“, нагласил Ќучук.

Европратеникот Андреј Ковачев изразил жалење што „Македонија се самоблокира, барајќи ‘креативни’ решенија за да не ги исполни преземените обврски”.

„Недозволиво е вината за недостигот од напредок да се префрли врз Бугарија. Оваа политика поттикнува јазик на омраза, нетрпеливост и дискриминација кон Бугарите, што е неспоиво со европските вредности. Палењето автомобили на бугарската амбасада во Скопје е тажен чин, кој е резултат на омразата што ја сеат политичари, медиуми и мрежи на влијание од други држави”, оценил Ковачев.

Се обратил и до Томас Вајц, наведувајќи дека е изненаден од обидот на известувачот да отстрани некои од барањата за Македонија во склоп на преговорачката рамка.

„И двајцата сакаме да ја поддржиме и стимулираме Северна Македонија, но мотивирањето да не ги исполнуваат обврските што ги имаат, не е корисно“, истакнал Ковачев.

Тешки зборови

Во дебатата се искажани многу критики кон Македонија од бугарските европратеници, без осврт на фактот дека палењето на возилата беше осудено во Македонија и дека Основното јавно обвинителство Скопје веќе поведе постапка против осомничениот за кривичното дело. Бугарската европратеничка Рада Лајкова ги повикала европските институции да покажат како ќе ги заштитат демократските вредности и права на Бугарите во Македонија. Европратеникот Ивајло Влчев во критиката за тој случај говорел за „античовечка идеологија на македонизмот“.

„Ние, кои претендираме дека ја претставуваме демократијата и хуманоста, кои ги заштитуваме човековите права, треба остро да ја осидиме античовечката идеологија на македонизмот и да ги заштитиме правата и достоинството на Бугарите“, ја пренесе БТА изјавата на Влчев.

Според европратеникот Станислав Стојанов, палењето на бугарските дипломатски автомобили во Скопје покажало дека „е очигледно оти Македонија не може да ја гарантира безбедноста на дипломатите на земјите-членки на ЕУ”.

Информирани сите на состанокот во Луксмбург

За случајот со палењето на дипломатските возила, информирала и бугарската заменик-министерка за надворешни работи, Иванка Ташева, која вчера ја претставувала Бугарија на редовниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, одржан во Луксембург.

„Ташева ги информираше нејзините колеги од ЕУ за инцидентот пред бугарската амбасада во Скопје на 15-ти јуни оваа година и ја истакна решеноста на Бугарија да продолжи да се бори со јазикот на омразата и создавањето чувство на страв кај Бугарите во Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението од бугарското МНР. (Dw)

Back to top button
Close