Записник кој открива разногласие во Софија кон Скопје

 Објавената содржина од наводниот записник, сугерира на разлика меѓу позициите на Петков и Генчовска, но и меѓу „наративот“ на Османи и експерти во македонското МНР.

   

 

Додека високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска во Скопје ја потврдува посветеноста и поддршката на ЕУ за регионот, од соседна Бугарија, каде е клучот за деблокирање на ветото, стигнуваат пораки кои говорат за „различни гласови“ на Софија за деблокадата на ветото за Скопје. Европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, во разговор за Бгнес, се осврнува токму на таквото разногласие.

„Дури и во однос на РС Македонија, ние зборуваме со различни гласови. Едно се дискутира во Министерството за надворешни работи, друго од премиерот и неговиот кабинет, а трето од коалицискиот партнер БСП“, вели тој.

„Гласовите што ги слушам од моите колеги во европските институции, се дека бугарскиот премиер Кирил Петков речиси ветува дека во јуни РСМ ќе биде пуштена, и ветото ќе падне. Од друга страна, го имаме МНР, кое вели дека не треба да имаме временска рамка, туку дали има напредок во точките кои се важни за Бугарија и од кои не можеме да отстапиме“, изјави Ковачев.

На сите, на кои овие разногласија им беа непознати, уште пред десетина дена се потруди да им ги разјасни лидерот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов.

„Сакам да го поставам прашањето – како да ја оквалификуваме заложбата на Кирил Петков пред еврокомесарот Вархеји, дека до крајот на јуни 2022 година ќе го укине ветото на Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ? Записникот од средбата на Генчовска со Вархеји е лаконски, само треба да разбереме зошто овие заложби не се јавно објавени“, напиша Костадинов на Фејсбук.

Bulgarien Premierminister Kiril Petkov Бугарскиот премиер Кирил Петков речиси ветува дека во јуни РСМ ќе биде пуштена и ветото ќе падне, изјави Костадинов

Петков едно, Генчовска друго

Но, тој отиде и чекор понатаму. За да укаже на аргументираноста на неговото прашање, Костадинов објави и фотографија на која се чита дел од содржината на споменатиот записник од средбата Генчовска – Вархеји. Таа содржина сугерира на разлика меѓу позициите на бугарскиот премиер и на шефицата на дипломатијата, но и разлика меѓу „наративот“ на шефот на македонската дипломатија и експертите во македонското МНР.

„Министерката Генчовска го извести комесарот Вархеји за спроведените разговори на 11-ти февруари 2022 година, меѓу МНР на Бугарија и на РСМ, во рамките на кои е констатирано затврднување на позициите на Скопје, вклучително и отстапување од веќе дадени предлози. Заблежано е несовпаѓањето, кое го гледаме во наративот на политичко ниво од страна на министерот Бујар Османи, кој пројавува конструктивност, и позициите, бранети на експертско ниво од МНР на РСМ. Следува да се обмисли решението за отворените прашања да биде барано на политичко ниво меѓу министрите за надворешни работи на двете земји“, стои во делот од објавениот записник.

Незадоволството и прашањето на Костадинов се однесува само на констатација во записникот, што се однесува за бугарскиот премиер.

„Комесарот Вархеји сподели дека на средбата во Брисел на 17-ти февруари 2022 година, премиерот Кирил Петков пред него изразил готовност за кревање на ветото за преговарачкиот процес во рамките на француското претседателство со Советот. Министерката Генчовска увери дека политичка волја за тоа постои, но процесот не зависи од определениот календар, туку од постигнувањето на конкретни резултати. Со загриженост известуваме дека со секоја следна седмица постигнувањето на позитивно решение во јуни 2022 година станува сѐ послабо веројатно. Комесарот Вархеји побара да добие уверување дека предложениот од бугарска страна пакет мерки „1 +4“ останува валиден. Оцени дека заедничката работа на ЕК и МНР на Бугарија за пактот „1 +4“ пред средбата на врвот на ЕУ – Западен Балкан во Брдо (16-ти октомври 2021 г.) била во напредната фаза и добила политички одглас. Дополни, дека е на располагање да го потпомогне наоѓањето решение, вклучително по Преговарачката рамка, ‘само до толку, доколку бугарската страна процени дека тој може да биде корисен’“, пишува во делот од записникот што го објави Костадинов.

Bulgarien/Nord-Mazedonien Der mazedonische Außenminister Bujar Osmani trifft den bulgarischen Premierminister Bojko Borissov in SofiaИма ли разлика меѓу „наративот“ на шефот на македонската дипломатија и експертите во македонското МНР?

Скопје – „тројански коњ“ на Москва во ЕУ

Засега е најасно врз основа на кои мерила била изразена загриженост (не)постигнувања во определениот календар, со оглед дека и двете страни досега изразуваа задоволство од интензивните седмични средби на меѓуресорските работни групи, при што беа набројувани договорените и конкретно започнати активности. Но, уште понејасно е зошто во време кога актуелниот момент е обременет со војната во Украина, копретседавачот од бугарска страна во заедничката Комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, се обиде низ негова „анализа“ да ја предупреди ЕУ дека Москва не само што нема ништо против интеграцијата на РСМ во ЕУ, туку и го посакува тоа, за да има свој „тројански коњ“ во Унијата.

Неговата колумна што ја пренесоа бугарски медиуми, е објавена во „L’europeo“, периодично списание за историја, политика и култура, а како вовед во ваквата „теза“, Димитров се осврнува на читањето на историјата од македонска страна.

„Дали е воопшто научно дозволено да тврдиш дека твоите сопствени историски постулати се недопирливи и непроменливи, ако очигледно се невистинити? Дури и кога за ‘смоквин лист’ им служи инсистирањето на правото на мултиперспективноста во толкувањето, но сфатена не во нејзинатата научна и образовна смисла, туку како политичко право на дискурс кој ги пренебрегнува фактите, историските извори и преовладувачките тези во светската историографија“, пишува Димитров.

– повеќе: Војната на Путин и бугарските колаборационисти

И оттаму ја гради „аргументацијата“ дека политиката на Софија е исправна, а критиката против неа неоправдана, бидејќи токму Брисел ризикува да вгнезди тројански коњи во Унијата. Притоа Димитров ја става РСМ во „тројански пакет“ заедно со Србија.

„Од таков ракурс, дали Европската Унија и САД разбираат дека кога ја насочуваат критиката само кон Бугарија, тие всушност ја рехабилитираат Коминтерната, руските и српските интереси, Сталин и Тито и тоа идеолошко наследство кое е апсурдно оддалечено од научната прецизност, политичка коректност и европски вредности? И дека државност, која е генетски поврзана со Србија и со Русија не може, и се чини дека не сака да им сврти грб? Во тој контекст, апсурдни се навестувањата дека бугарската позиција им е на услуга, бидејќи Бугарија категорично ја поддржа евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија за да ѝ помогне да се извлече од нејзината стара југословенска комунистичка орбита. А инаку Москва нема ништо против евроинтеграцијата на Белград и Скопје, бидејќи – со политичкото наследство што ги врзува за неа – тие ќе ѝ бидат толку потребните ‘тројански коњи’ во Европската унија“, напиша Димитров.

По вакви тези на член на Комисијата од бугарска страна, останува нејсно дали воопшто може да се очекуваат резултати од нејзината работа, доколку не се случи промптна промена во нејзиниот персонален состав.

извор: ДВ

Back to top button
Close