Започна аплицирањето на јавниот повик за поправка и санација на кровови и лифтови во Општина Центар

Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и постоечки лифтови на станбени згради на подрачјето на Општината.

Како што соопшти Општина Центар, проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од општинскиот буџет, во висина од 30 проценти од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000 денари за реконструкција на постоечки кровни конструкции и висина од 30 отсто од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од Управител на станбени згради или Заедница на сопственици. Селекцијата на одбрани апликанти ќе се врши по принципот „Прв дојден, прв услужен“.

Од општината информираат дека право на учество имаат сите заинтересирани заедници на сопственици на станови, под следните услови. Доколку се работи за реконструкција на постоечки кровни конструкции, тие треба да бидат оштетени, доколку се работи за поправка и санација на лифтови, тие треба да бидат неисправни, но постоечки, сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда  и најмалку 70 проценти од становите во зградата (влезот) да се користат (се вселени) во текот на целата година (вклучувајќи и изнајмени станови).

Пријавите заедно со целата документација можат да се достават секој работен ден од 9 до 15 часот директно во архивата на Општина Центар (барака бр.6) или по пошта на адреса ул. „Михаил Цоков“ бр.1 – Скопје,  до 7 декември 2020 година.

Повеќе информации и детали за апликација на повикот, вклучително и пријавата за аплицирање, заинтересираните заедници на станари можат да најдат на http://www.centar.gov.mk/?p=10835.

Back to top button
Close