Започна Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води во спуст „Велес 2023“

Во организација на Кајак кану клуб “Арка-Борец” Велес и со техничка поддршка од Македонската Кајакарската федерација, Агенцијата за млади и спорт и Општина Велес денеска и утре на Вардар во Велес се одржува Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води.

Како што изјави за МИА Љубомир Спасиќ од ККК „Арка-Борец“, напрвенството учествуваат 160 кајакари од сите категории од 25 клубови од девет држави: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, Малта и од земјава.

Натпреварувачите се натпреваруваат во две дисциплини спуст на диви води класик на 2,5 километри и спринт на 250 метри. Патеката е на Вардар од Мало Мовче до Стар Мост.

Инаку, по денешните натпревари севкупно води домаќинот ККК „Арка-Борец“ Велес, а  нивниот член кајакарот Александар Златаров на првиот ден од натпреварите освои прво место во сениорска конкуренција до 35 години, а кајакарот Љубомир Спасиќ е прв во категоријата од 35 до 50 години.

Организаторите, воедно, ги поканија сите граѓани љубители на кајак на диви води на натпреварите утре од 9 до 15,30 часот, на водната патека на Вардар од Мало Мовче до Стар Мост.

Свеченото доделување на медалите и пехарите на најдобрите е закажано во 18 часот на Градскиот базен во Велес.

Инаку, Отвореното Балканско првенство во кајак на диви види „Велес 2023“ свечено беше отворено синоќа во Младинскиот амфитеатар во Велес

Back to top button
Close