Започна зимското сметање на времето

Ноќеска спиевме еден час подолго, бидејќи започна зимското сметање на времето. Утрово во три часот, часовниците беа поместени назад.

Зимското сметање на времето се менува секој последен викенд во октомври, ноќта помеѓу сабота и недела. Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март 2026 година.

Иако Брисел предложи укинување на сезонските промени на времето во 2018 година, седум години подоцна – сите сè уште ги менуваат своите часовници во март и октомври. Шпанија одлучи повторно да покрене иницијатива за укинување на летното и зимското сметање на времето во Европската Унија. Како што истакна шпанскиот премиер Педро Санчез, тоа е „застарена практика“ која „веќе не штеди енергија“ и „предизвикува непријатност и негативни здравствени ефекти“.

Експертите забележуваат дека прилагодувањето на оваа мала промена трае најмалку две недели. Тие исто така истакнуваат дека менувањето на часовниците двапати годишно влијае на сите, и на здравите луѓе, но особено на болните, особено на хроничните пациенти.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close