Започнаа доброволните враќања на мигранти од Грција во земјата на нивното потекло

Со чартер лет од атинскиот аеродром, група од 134 ирачки државјани доброволно се вратија во Ирак, со што започна доброволното враќање на мигранти во земјите на нивното потекло во рамките на програмата што грчката Влада ја спроведува во соработка со Меѓународната организација за миграција, а со финансиска поддршка од ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за програма што предвидува вкупно 5.000 мигранти кои до 31 декември 2019 година пристигнале на некој од грчките острови Лезбос, Самос, Хиос, Лерос или Кос, да добијат финансиска помош од 2.000 евра и доброволно да се вратат во нивната земја на потекло.

Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштуваат дека пред заминувањето во Ирак, сите 134 мигранти биле тестирани за Ковид-19, а резултатите биле негативни.

На атинскиот аеродром за време на заминувањето на мигрантите, присутни беа министерот за миграција и азил и алтернативниот министер, амбасадорот на Ирак во Грција, како и претставникот на Меѓународната организација за миграција.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис рече дека на мигрантите им се овозможува „достоинствено и безбедно да се вратат во нивните земји“.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пеца на денешниот редовен брифинг со новинарите објасни дека станува збор за најголемо доброволно враќање организирано од Грција и едно од најголемите годинава во Европа.

Back to top button
Close