Запознајте се со Конески

Ако сакате да го запознаете Конески, да ја почувствувате „неговата магична привлечност“, да ја видите одблизу неговата скромност, едноставност, смислата за хумор… Сето тоа ќе го најдете во еден краснопис

„Матица македонска“ избра исклучително актуелен термин да објави ново издание од книгата „Разговори со Конески“ од Цане Андреевски, кои авторот ги водел од 1985 до 1990 година. Велам „актуелен“ иако тој збор веројатно не е најсоодветен бидејќи кратките беседи на Конески искажани низ мекамлиски, спонтани муабети со Андреевски како и целото негово творештво се безвременски. Драгоцена книга, особено за помладите генерации кои не го запознале, но и за повозрасните кои подзаборавиле, или се уште не го „прочитале“ и „разбрале“ великанот Конески.

Цане Андреевски на едноставен начин како и што приличи на нашиот „национален мислител“ го доближува Конески до читателите на чудесен начин, како и вие да сте седнати на истата маса, како да учествувате во разговорите меѓу двајца блиски пријатели, дури и за најсуштествените научни и литерарни теми. Андреевски ги поставува вашите прашања кои ви излетуваат од устата додека зборува Конески. Ова е еден прекрасен водич како како треба денес да се чита и препрочитува, да не се злоупотребува големиот македонски поет, научник и кодификатор на македонскиот литературен јазик. Да, да, да не се злоупотребува Конески, но повеќе да не ве злоупотребуваат вас- што во овие снеубавени времиња во трките за власт и моќ е наше секојдневие- при што ништо не остана свето и недопрено, па ни Конески.

Реката се запознава со пливање, а човек низ разговор

Ако сакате да го запознаете Конески поблиску, да ја почувствувате „неговата магична привлечност“, да ја видите одблизу неговата скромност, едноставност, смислата за хумор, да откриете на што се смее, за што е загрижен, на што се лути, за што не сака да зборува, што го боли, неговите јанѕи, премрежија и стравувања, што чита и зошто го пишува тоа што го пишува….појдете до „Матица македонска,“ сето тоа ќе го најдете на 460 страници во еден краснопис. Или како што препорачува авторот со една корејска народна поговорка „реката се запознава со пливање, а човек низ разговор.“

Ние што ја имавме таа среќа и привилегија да го познаваме Блаже Конески и да бидеме во негова близина се радуваме како деца на нова играчка на овие автентични сведоштва кои ја потврдуваат големината на човекот кој вон сите сомневања е централна творечка фигура на втората половина на 20 век во Македонија, или како што вели Гане Тодоровски: тоа е личност на автор чие дело е временски и категоријално и качествено неповторливо, буквално неповторливо.

Или како што ќе напише Матеја Матевски : „нашта култура денес и секоја помисла на феноменот Македонија со право се врзуваат со името на Конески, бидејќи тој ги осветлуваше и афирмираше пред своите современици и пред лицето на современиот свет суштината на македонското битие, основните белези негови, израз и потврда на неговото историско постоење и на неговата иднина: јазикот и културата.

Џинот во човечка димензија

Цане Андреевски успева како автор кој длабоко проникнува во душата на својот пријател да ни го приближи тој феномен на Македонија- да го разбереме македонското битие низ разговори кои го откриваат џинот во човечка димензија. Еве само неколку цитати од тие разговори другото ќе треба да го откриете сами.

Андреевски упорно прашува за грижата за јазикот.

Конески: Во секоја средина се полагаат грижи за јазикот. Дури се говори за таканаречена јазична политика. Од зрелоста на средината зависи како ја води политиката воопшто, па и јазичната политика. Без политика не може да се живее, ама таа може да се води и добро, и здраво, и катастрофално. Па спрема тоа не е автоматски решено дека јазикот ќе има полза од тоа што некои за него сакаат да пројават грижа. Зависи колку се тие способни таа грижа да ја положат. Мене тој израз “да се брани“ јазикот малку ми е несвојствен. За мене е основно дали еден јазик е средство на една духовна жива активност? Како таков тој нема од што да се брани. А ако тој не е средство што служи за изразување на една таква духовна активност во една средина, пак нема зошто да се брани. Тогаш не е ни способен за функцијата што му била наменета. Средината што сака тој јазик да го активира како средство на современо општење и творење треба да биде способна за тоа. Ако не е способна, тогаш зошто е тој напор?

Умираат ли јазиците?

Андреевски за опасноста од изумирање на еден јазик?

Конески: За тоа решава историјата. Ние рековме дека јазикот ја дели судбината на народот. Инаку, самиот јазик по себе не содржи клици на умирање. Некои народи исчезнуваат од историската сцена, со тоа и нивните јазици. Некои народи се трансформираат во други народи. Имате ситуации еден јазик да даде почетоци на цела јазична група. Сето тоа се случува во историјата. И се разбира, тука не е во прашање јазикот, ами е во прашање историјата на носителите на тој јазик.

Андреевски: Различните средини создаваат различни јазици, па макар потеклото да им е од ист корен. Кои се тие надворешни фактори, што влијаат врз развојот на еден јазик?

Конески: Кои се тие фактори? Тука многу важна улога игра меѓујазичниот контакт. Да речеме, јазиците на балканската средина влијаеле еден на друг до таква мерка што дури се говори за еден многу близок модел, реализиран во тие јазици, балкански јазичен модел.

Андреевски: Иако не се од исто потекло.

Конески: Независно од потеклото, може еден модел да се афирмира на различна јазична материја. Како што може еден архитектонски план да се реализира во различни градежни материјали. Истото се случува и со јазиците во региони каде што има комуницирање низ вековите, во кои се реализира еден тип на цивилизација, еден начин на живот, еднакви обичаи се создаваат, а и промени можат да настануваат сврзани со нови појави во тие сектори на животот. Да речеме, ако мислиме на Балканот, една важна промена за словенските јазици е вкључувањето во византиската сфера, односно во христијанската цивилизација.

Друга важна промена, сврзана со навлегувањето на нови цивилизациски текови, имаме со доаѓањето на Турците и ширењето на исламската или ориенталната цивилизација.Трета важна промена имаме со вкључувањето, еве да речеме, ако се задржиме на Балканот, на нашите краишта, во современите светски текови, во европскиот современ начин на живот. Особено во неговиот речник кај што промените најлесно се вршат. Но и во други односи…

Билингвизмот е обична појава

Андреевски: Каква појава е билингвизмот на една територија. Или каква е разликата на билингвизмот на една средина и на една индивидуа.

Конески: Тоа е обична појава, во многу средини да имаме во употреба два или три јазици. Или повеќе јазици. Отсекогаш. Ние истакнуваме – јазикот не е некоја самостојна, апсолутна дејност. Јазикот е сврзан со луѓето, со нивната ситуација. За билингвизам се говори ако тој постои во поширока средина. Во друг случај се употребува терминот познавање на јазици. Во светот има многу средини, кај што во различна мера е застапен билингвизмот, или полилингвизмот. Има различни ситуации и различно се постапува спрема односите во дадена земја…

Андреевски: Ова прашање беше актуелизирано кај нас, па имаше и полемики.

Конески: Јас доволно сум пишувал за тие работи и сметам дека секој што сака да се информира може тоа во моите работи да најде потребни податоци. Она што е интересно за еден лаик во нашата средина за мене не е интересно. Секој еден поглед на јазичната ситуација во светот дава безброј примери за употреба на повеќе јазици на дадена територија. И секоја ситуација си носи некои свои карактеристики. Оние што сметаат дека треба да полемизираат, веројатно тоа е за нив нешто многу значајно, нешто нејасно, што треба да се расчистува. За мене тоа не нејасно.

Направете еден тест

Андреевски: А во денешно време дали една цивилизирана средина може да си дозволи да омаловажува и да негира друг јазик. Има таква појава.

Конески: На жалост, тоа е присутно и во тој случај се работи за една социолошка појава. Општо, стремежот на луѓето да фрлат презир на други е многу присутен во животот. Не само во однос на јазикот. Во однос на се. Присутен е од најмала општествена средина, па до односот меѓу народи и така натака. Едно село визави друго претендира на некаков престиж. Еден град наспроти друг. Една социјална групација кон друга групација. Една религија кон друга така се однесува. Тоа во социјологијата е позната работа. Јас се разбира, имам свое мислење за тоа. Јас тоа го осудувам. А тоа една реалност.

Направете ден тест. Јас тоа често го повторувам. Некој ќе свика -леле, изгазија дете на улица! И, одеднаш сите се ужаснати. А потоа ќе рече – детето беше циганче. И како малку да им олеснува. Тоа страшно е да го кажеме, ама така е. Никој не е имун на тоа…

Андреевски: Нашиот јазик се набедува дека е вештачки јазик. Дали во други случаи, за некој друг јазик, има такви „теории“?

Конески: Тоа е редовна појава. Јас за тоа сум пишувал во онаа своја работа „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици“ со документација. Особено го истакнував случајот со словачкиот јазик .Но, можам да земам примери и за други јазици. Можам да потсетам, не знам дали таму потсетив на тоа, дека Иван Вазов дури има песна за тоа, во која вели дека неговиот јазик, бугарскиот, е поруган, потценет. А тој изразувал едно чувство што самиот го испитувал на себеси. Исто така е позната работа, а оној што читал малку историја знае, дека други средини, што сега се особено агресивни во националистичка смисла, во минатото на себе морале да ги трпат истите тие методи, што многу радо денеска ги применуваат самите тие наспрема други…

Ете за почеток толку. Другото побарајте го во новото издание на книгата на Цане Андреевски „Разговори со Конески.“

Ерол Ризаов

Извор: Дојче веле

Back to top button
Close