Заразена со Ковид-19 вработена во пералната на ГОБ „8-ми Септември“, колегите се уште одат на работа – ЦЈЗ ќе ги контактира и ќе одлучи кој треба да оди во изолација, велат од МЗ

Вработени во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје каде се лекуваат пациенти заразени со коронавирусот Ковид-19 се обратија до редакцијата на Либертас и не информираа дека вработена во пералната на болницата е заразена со Ковид-19.

Како што велат тие, вработената која е позитивна на вирусот цела недела одела на работа и била во постојан контакт со останатите вработени, а на ниту еден вработен досега не му била ниту одредена, ниту препорачана, ниту пак дозволена самоизолација, иако сите се во постојана комуникација. Не им било одобрено ниту доставеното барање да направат тестови, велат тие.

Тие се жалат дека претходно не им било дозволено ниту да бидат во ротација како медицинскиот кадар за да се спречи при ваков случај сите да бидат во ризик од заразување, односно, како што велат, сега сите би требало да бидат пуштени дома и пералната да биде затворена или да се донесат нивни колеги од други болници кои би работеле во периодот додека тие се во изолација.

Од таму апелираат што побрзо да се тестираат вработените и да се пуштат во изолација бидејќи тие се исплашени за своето здравје, со оглед на тоа што просечната возраст кај нив е околу 50 години.

Либертас го контактираше Министерството за здравство од каде ни потврдија дека е точно дека вработена од пералната е позитивна на Ковид 19.

„Истата е потврдена како позитивна на 25.06. Денеска е доставен список со сите контакти со позитивната вработена и истиот е препратен до ЦЈЗ после што епидемиолошката служба ќе ги контактира, анкетира и одлучи дали и кои од вработените се спаѓаат во висок ризик и истите ќе ги стави во самоизолација. Следствено на ова истите ќе се тестираат според протоколот“, стои во одговорот од Министерството за здравство.

Back to top button
Close