Засега ништо од нови автобуси по скопските улици – се чека набавката од Владата, а тендер уште не е распишан

Министерството за транспорт и врски во јуни распиша тендер за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 треба да бидат за Скопје, а 40 да се распределат во другите градови. Но, тендерот пропадна затоа што единствената фирма која се пријавила не ги исполнувала потребните услови. Оттогаш поминаа шест месеци, а нов тендер не е распишан.
Од Министерството за транспрот и врски велат дека во соработка и координација со други институции се во процес на подготовка на постапката според најдобри модели за реализација на јавната набавка на нови автобуси. Не прецизираат кога ќе биде распишан тендерот и дали годинава ќе стигнат автобусите ако тендерот биде успешен, со оглед на тоа дека е потребно време за нивно производство.
За решавање на хаосот со јавниот превоз градоначалникот Ѓорѓиевски гледа решение во Брзиот автобуски превоз (БРТ), кој беше почнат во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, но стопиран во мандатот на Данела Арсовска и блокиран од советнците на ВМРО-ДПМНЕ. Ѓорѓиевски во изборната кампања, а потоа и кога стапи на функција, рече дека годинава во буџетот ќе бидат предвидени средства за да се продолжи со реализации на проектот.
За овој проект, Владата во времето на СДСМ зеде кредит од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.






