Заталкана совест
Човекот не може да изгуби нешто што нема, што не го поседува или не е дел од него. Така и совеста, не можеш да ја изгубиш ако никогаш не била дел од твојот карактер, твоите животни принципи и воспитување. Животот сам по себе е најголемиот предизвик, но уште поголем предизвик е совеста, поточно грижата на совест. Како да ни заталкува по некои чудни патишта, нашата колективна совест…

Совеста кај поединецот, говорам за чистата совест со морални и хумани атрибути, е вистинскиот пат кон кој треба да се стремиме како поединци и општество.
Совеста во основа подразбира елементарно чувство за добро и зло, морална свест која му помага на човекот да разликува погрешно од исправно.
Совеста е дел од човечката личност. Ми наликува на sвоно за тревога кое нѐ предупредува за губењето морален компас. Човек без совест не знае што е морално исправно.
Совеста е внатрешен, морален судија, како кај луѓето, така и во законските норми
Најсилниот столб во креирање на совеста кај поединецот или општеството е образованието. Образованието ја подига совеста и претставува вистински темел за креирање на хумано и напредно општество.
Деновиве, во екот на кампањите кои се водат за локалните избори, бев присутен на социјалните мрежи. Се трудев на достоинствен начин да комуницирам за актуелните настани, без желба да повредам било кого во отворените дијалози.
Силен впечаток ми оставија две објави. Почувствував лична, морална одговорност да се впуштам во дискусија, бидејќи базично се кршеа принципите за креирање на морал, етика и напредно општество.
Реагирав на објавата на Петар Георгиевски-Камиказа во која го обвини премиерот Мицковски, зошто кај приемот на англискиот крал Чарлс Трети во Лондон бил присутен Влатко Стефановски, еден од најеминентните светски музичари, гитарист, почесен доктор на науки на два Универзитети и вистински амбасадор на македонската култура и уметност.
По зборовите на Камиказа, еден генијалец како Влатко е само „северџан”! Очекувано, од моја страна, застанав на страна на одлуката на Премиерот Мицковски, Влатко да биде дел од македонската делегација на приемот кај англискиот крал Чарлс Трети, бидејќи зад себе има сериозно големи дела, кои во полето на музиката ја вивнуваат нашата Македонија македонска посебност на светски размери.
Влатко не е политичар. Влатко е вљубеник во сопствената татковина Македонија. Називот „северџан” е навредлив и треба да се искорени од дневната комуникација, бидејќи претставува вистинска гангрена за опстанокот на нашата национална македонска посебност.
Лажните неедуцирани патриоти мора да ја научат лекцијата дека говориме за сопствен народ. Наш заеднички именител ни се јазикот, културата и љубовта кон татковината, а личните погледи кон секојдневието се став на секој поединец.
Жална е политичката реалност во Македонија која ги злоупотребува сопствените граѓани за одредени политички цели.
Втората комуникација беше по повод објавата на Екс-премиерот Никола Груевски кој на нас граѓаните на Македонија ни го честиташе денот на ВМРО, 23 Октомври.
Се заблагодарив на честитките со порака дека многу почесно ќе беше оваа честитка да ја добиев од човек кој денес живее во Македонија. Пребегнат екс-премиер, за кого се водат сериозни криминални обвинувања од времето на неговото владеење, денес живее во Унгарија, а сѐ уште е сериозно присутен во животот на социјалните мрежи во Македонија.
Мојот став е дека вистински маж кој сѐ уште се смета за висок државник, требаше достоинствено да остане во Македонија и заедно со своите соработници да се соочи со правдата. Тој избега, а неговите соработници уште гнијат по затворите.
За ова мое мислење за екс-премиерот Груевски, бев нападнат од одредени високо образовани личности кои без трошка аргументи го воздигнуваат на ниво на незаменлив и најдобар политичар од осамостојувањето на Македонија до денес.
Каде е совеста на овие мои сограѓани? Дали совеста воопшто растела со нив во текот на животот или ја изгубиле попатно? Совеста се развива од најраното детство, расте преку домашно воспитување и образование.
За жал, сѐ почесто вреднуваме искривени вредности. Делата на поединците веќе не значат ништо. Лично бев нападнат дека сум криминалец, збогатен со украдени пари од мојата Македонија!
Ме обвинуваат и за стечајот на Еуростандард банка дека попусто водам војна веќе полни пет и пол години и дека сум заслужил тоа што ми се случило! Повторувам, сите правни и физички лица се обештетени од насобраните средства во стечајната маса. Ама ете, мора некој да се мрази и обвинува. Како да сме проколнати на вечна омраза. Не сакаме да разбереме дека и меѓу нас Македонците има успешни луѓе од светски ранг
Секој сериозен поединец со високи морални вредности и чиста совест ќе го осуди грдиот збор „северџан” како проклет термин за ширење омраза и себеуништување. Еден голем уметник како Стефановски не решавал за името Северна Македонија, па ако јавно го изговори да се фрла ана-тема врз него.
Секој сериозен поединец со високи морални вредности и чиста совест ќе го осуди премиерот Никола Груевски за неговата лажна љубов кон сопствената татковина и нас Македонците. Не гледам каде е поголем патриот од еден претставителен уметник на кого повеќе му се восхитуваат надвор од татковината.
Секој сериозен поединец со високи морални вредности и чиста совест ќе го осуди и стечајот на Еуростандард банка, бидејќи истиот е направен по нечија желба, политичка одлука и моќ.
Почитувани читатели, очигледно креираме општество со изгубена совест и морални вредности. Неминовно потребни се радикални промени од корен на целиот државен систем. Клучна улога за правилни промени се домашното воспитување, силен образовен систем и почит кон законите коишто владеат во нашата држава. И секако, да им се врати совеста на оние кои попатно си ја изгубиле.





