Затворање на ЕУ – историска грешка

„Извесна соработка“ со земјите во Западен Балкан е неопходна, при што ЕУ би требала да помогне регионот да се стабилизира. Но тоа не значи дека „се подразбира оти овие земји треба да бидат полноправни членки во ЕУ“. Ова деновиве, во пресрет на Самитот на ЕУ–Западен Балкан, јасно го стави до знаење десничарско популистичката партија Шведски демократи во дебатата во ЕУ-советот во шведскиот Парламент-Риксдаг.

За разлика од децидниот став на шведскиот социјалдемократски премиер Стефан Ловен, дека затворањето на ЕУ во поширока смисла би претставувало историска грешка, Шведските демократи, кои се трета по големина политичка сила во земјата, се противат на натамошно ширење на Унијата и нејзино претворање во „европска супер држава“, а на штета на натамошното слабење на националните држави.

Политичката реалност на поширок план во ЕУ е мошне покомпликувана од она што обично испливува на површина. Во случајот на Шведска, која сè уште важи за една од најзначајните поддржувачи на процесот на ЕУ-проширувањето, актуелната коалициска влада веќе неколку години функционира на климави нозе, а и самиот премиер Ловен неодамна поднесе оставка и е во заминување од функцијата, Шведските демократи веќе подолго време имаат стабилен 20-процентен рејтинг меѓу избирачите и добри изгледи на праламентарните избори идната година да добијат клучна улога во формирањето на новата влада. Во таков случај шведската Влада би била принудена да го корегира курсот на својата европска политика.

Но големите и повеќедецениски етаблирани шведски партии не се осамени со своите главоболки да се справат со заканите од силниот пробив на десничарските популисти кон фотелјите на власта. Токму затоа сè повеќе се наметнува прашањето чии заложби моментно ја одредуваат суштината и натамошниот развој на заедничкиот европски пројект, и кој всушност е тој што влијае на ЕУ и Европа?

Заедничкиот проблем на европските десничарско популистички партии е стравот од проширена Европа. Шведските демократи не се изолирани со своте критички гледишта и негаторски ставови на линија на евроскептицизам. „ЕУ верува дека може да продолжи како ништо да не се случило, тие се однесуваат како да не слушнале што се случило на избирачките места“, рече лидерот на Францускиот национален фронт, Марин Ле Пен, откако беа соопштени резултати по последните ЕУ-избори.

Скептичните критички ставови на Емануел Макрон спрема натамошното проширување на ЕУ, преточени и во вето за отпочнување на преговорите за членство со Македонија и Албанија, во добар дел беа и одговор и „намигнување“ на бројните незадоволни поддржувачи и симпатизери во избирачкот табор на Ле Пен, која му дише во вратот.

И низа други националистички и десничарски партии во Европа се наметнуваат како значајна политичка сила која не може едноставно да биде заобиколена во нивните земји. Германската АфД, австрискта ФПО, италијанската ЛЕГА, белгиската Вламс Беланг, естонската ЕКРЕ, Данската народна патија, партијата Вистински Финци, или, на пример, чешката СПД, позната по тоа што периодично, со променлив интензитет, се залага нивната земја да ја напушти ЕУ. Ниедна од овие партие, како што се тврди во нивната пратеничка група во Европскиот парламент, која се нарекува „Идентитет и демократија“, не сака да ја уништи ЕУ, туку се залага до израз да дојдат радикални промени во рамки на европската соработка и функционирањето на евроинтеграциите. Проширувањето и приемот на нови членки воопшто не се приоритет на нивната агенда.

Негативните искуства од брзиот прием на поранешните комунистички источноевропски држави, кои и по една и пол деценија полноправно членство, како во случајот на Бугарија и Романија, сè уште каскаат во развојот и усвојувањето на европските вредности, и во очите на европските десничарски популисти функционираат пред сè како „вреќа без дно“ што голта енормни средства од европските фондови. Унгарија веќе не се смета за функционална демократија, при што холандскиот премиер дури и отворено истапи со барање да биде исклучена од ЕУ, а слични квалификативи наскоро ја очекуваат и Полска, кон која драматично се зголумва критиката поради нејзиното континуирано поткопување на демократските вредности, слободата на медиумите и принципите на владеење на правото.

Сега се на ред и земјите во Западен Балкан, но дали всушност „се подразбира дека тие треба да станат полноправни членки?“ Полска досега има добиено околу 129 милијарди евра, фанатастично голема неповратна финансиска помош за трансформација и модернизирање на својот општствен систем и економија, но и понатаму се однесува кон европските вредности како тие да претставуваат закана против нејзиниот развој. Од корона-милијардите на ЕУ за обнова по пандемијата Хрватска доби 6,4 милијарди евра, но и понатаму е една од членките со највисоко ниво на корупција.

Европските десничарски популисти, кои бележат сè поголем пробив во освојувањето на политичко влијание во своите земји, не гледаат со симпатии на настојувањата во европското семејство да влезат нови сиромашни источни соседи со неконкуретни економии, кои само би ги зајакнале непринципиелните гласачки групирања во Брисел и би се обесиле околу вратот на богатата Западна Европа, барајќи да ги издржува.

Многумина веќе предупредија дека со заминувањето на Ангела Меркел и Стефан Ловен од европската политичка сцена, ЕУ-проширувањето влегува во сива зона. Самиотот во Словенија не се очекува да ја смени таквата перцепција. Шведскиот премиер од своја страна во дебатата во Стокхолм деновиве изрази загриженост од можните последици доколку ЕУ во стремежот за поголема независност се затвори од остантиот свет. Тоа би била историска грешка, смета тој, бидеќи со тоа ЕУ би ги изгубила економски, а едновремено би придонело и за зголемување на тензиите меѓу големите актери во светот, од што најмногу би страдале идните генерации.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close