Затворска казна за водачот на криминалната група што вршела изнуда за местата за продажба на крофни на Халкидики

Затворска казна од 16 години му е одредена на водачот на криминалната група што вршела изнуди за контрола на продажните места на крофни, односно на популарните грчки лукумадес на плажите во Ситонија, на вториот крак од Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, судот го прогласил за виновен 42-годишниот маж главен во мафијата со крофни, за уцените и заканите во текот на летото 2021 година.

Грчката полиција тогаш разби криминална група во која освен водачот, учествувале уште 11 други лица, а сега, дел од нив биле ослободени, дел прогласени за виновни со парична казна.

Криминалната група за да биде единствена која продава на преполните плажи, користела методи и практики на уцени, односно во најмалку седум случаи употребиле закани по живот, нанесувале телесни повреди и употребиле огнено оружје против други продавачи на крофни, како и кон сопственици на угостителски објекти на плажите, а дополнително принудувале странски државјани да продаваат крофни со минимална заработка.

Поконкретно, како што пишуваат медиумите, мафијата со лукумадес, принудувала странските државјани да продаваат 500-600 крофни дневно по цена од две евра, набавниот износ бил половина евро, исто толку добивал и продавачот, а криминалните групи имале дневен профит од 500-600 евра.

Back to top button
Close