Завршено уредувањето на палеонтолошкиот локалитет ,,Стамер” кај Делчево

– Проектот за уредување на палеонтолошкиот локалитет ,,Стамер” кај Делчево заврши, а како што информираат теренските претраги кај овој локалитет реализациите се започнати во 2007 година од страна на Природонаучниот музеј на Македонија со откривање остатоци од масовна гробница на праисториски животни.  Локалитетот како што додадоа има особено значење поради пронајдокот на гигантски рог од жирафа, која е нов вид кој зборува за размената на животни меѓу Јужна Европа, Јужна Азија и Африка. 

-Заради ваквото откритие, во рамките на „Програмата за зачувување на природата во Република Северна Македонија  – фаза 2“ за 2017/2020 година, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка координиран од страна на Фармахем, Скопје со подршка на Швајцарската организација Helvetas Swiss Intercooperation, во којашто е вклучено и Македонското еколошко друштво (МЕД) како партнер во втората фаза на Програмата, беше реализиран проектот за уредување на овој репрезентативен објект со поставување на информативни табли, изградба на видиковец, поставување ознаки према локалитетот, уредување на пешачка патека по должината на неколку локалитети на кои се пронајдени скелетни елементи од повеќе видови предисториски животни, истакнаа имплентаторите на проектот.
Меѓу фауната која е пронајдена на подрачјето на Стамер палеонтолозите ги напоменуваат носорогот, жирафа, тропрстен коњ, мастодон, говедо, хиена и свињата.
-За да биде впечатокот по силен наскоро покрај видиковецот ќе бидат поставени и склуптури на скелетни елементи од жирафа. Стручно популарните текстови за инфо таблите се дело на д-р. Ивица Милевски, м-р. Биљана Гаревска и Васил Анастасовски кој е и раководител на проектот, додека дизајнот е на Апостол Тноковски, додадоа реализаторите на проектот.
На територијата на Северна Македонија како што додадоа досега се регистрирани околу петнаесетина локалитети на кои се пронајдени остатоци од животински видови коишто во геолошкото минато егзистирале на подрачјето од нашата држава, на коишто е откриена и детерминирана таканаречената „пикермиска фауна“, или „хипарионова фауна“, којашто е составена од видови кои се многу слични на денешните претставници од степско-саванските предели на централна Африка, како што се претците на денешните слонови, носорози, хиени, жирафи, антилопи, мајмуни и други изумрени животни. Староста на оваа фосилна фауна датира од геолошките периоди миоцен, чие траење изнесувало околу 17 милиони години и долен плиоцен, со траење од околу три милиони години.
Покрај уредувањето на локалитетот „Стамер“ којшто е прогласен за природна реткост, на територијата на Делчевско, информативни табли се поставени и на геолошкиот профил „Звегор“ и на „Киселичка пештера“, кои исто така се прогласени за природни реткости.
Со вакви афирмативни уредувања и на други локалитети реализаторите на активностите очекуваат да се направи поголема популаризација на природното богатство на Северна Македонија, а со тоа и поголем развој на екотуризмот.




Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close