Завршија 58. Рацинови средби со доделување на признанијата на годинашните лауреати

Со доделување на Рациновото признание на Милован Стефановски за „Теорија за кучешката година“ и на Почесното Рациново признание на Ала Генадјевна Шешкен, руски славист и македонист, за нејзиниот придонес за афирмација на македонскиот јазик и литератира во светот, синоќа во Велес завршија 58. Рацинови средби.

Програмата на Рациновите средби траеше во изминатите два дена, а завршува денеска со традиционалната посета на планината Лопушник, Кичевско, местото на погибјата на Рацин, во чија чест ќе се одржи Марш за Рацин.

Поради пандемијата и неможноста да присуствува лично, добитничката на Почесното Рациново признание за 2021, Ала Генадјевна Шешкен,  се обрати со видеопорака, а наградата ќе и биде врачена преку Руската амбасада.

На нејзиниот универзитет „Ломаносов“ во Москва рече дека се формираат нови генерации  македонисти кои ги сакаат литературата и јазикот на Кочо Рацин и Блаже Конески.

-Годинава се одбележуваат и сто години од раѓањето на Блаже Конески. Делата на Конески и Рацин и на другите современи македонски писатели ја отсликуваат убавината на македонскиот јазик, благородството на националниот карактер, богатството на душата на човекот, рече Генадјевна Шешкин.

-Во ситуација на пандемијата, за жал, немав можност лично да присуствувам на оваа убава свеченост и затоа ви се обраќам преку видеоснимка, истакна наградената македонистка од Русија.

Во салата на Велешкиот театар, оваа висока награда за проза на лауреатот Милован Стефановски му ја врачи градоначалникот на Велес Аце Коцевски, во својство на претседател на организацискиот одбор на Рациновите средби.

Стефановски во своето обраќање нагласи дека наградата го има најубавото книжевно име кај нас, името на Рацин, со која може да се закити и гордее македонскиот писател. Посочи  дека во своите почетоци, во 1978 година, ја напишал песната  „Лопушник“ посветена на Кочо Рацин.

-Рацин за мојата генерација и сите родени во времето по војната за нас претставуваше книжевна икона, со посебен пиетет ги учевме неговите стихови, со нагласен восхит ги рецитиравме неговите песни во најразлични пригоди и со незгаслива жед ги читавме сите текстови поврзани со Рацинивиот живот и дело, рече Стефановски.

Додаде дека е голема неправда што големиот поет го напуштил светот на само 35 години и оследен пат, како што рече, ја видел светлината кога го слушнал несреќниот истрел на падините на Бистра.

-Рацин  за толку кратко време напишал колку за неколку нормални животи. Ако не се случил тој трагичен настан, не можеме ни да замислиме  уште колку убави и значајни нешта  би се случиле со името на знаменитиот велешанец. Името на Рацин би било на прво место меѓу основачите на Друштвото на писателите на Македонија, кое е формирано само три и пол години по неговото загинување, рече Стефановски.

Во рамки на 58.Рацинови средби, учесниците и гостите вчера традиционално ја посетија Спомен-куќата на Коста Солев Рацин во стариот дел на Велес, а Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес промовираше збирка поезија од проектот „Млади поети:Битисување од љубов“, во издание на Агенцијата за млади и спорт.

Back to top button
Close