Завршија археолошките истражувања на локалитетот Велушка Тумба, наскоро ќе бидат објавени трудови

Неодамна завршија археолошките истражувања на локалитетот Велушка Тумба кај Породин. Овие истражувања се во соработка меѓу Завод и музеј – Битола и Центрот за истражување на предисторијата, а во нив учествуваат и Универзитетот во Базел и Институтот Биосенс, кои изведуваат археоботанички и геоархеолошки анализи.

– Во текот на истражувањата се добија повеќе податоци за архитектурата, материјалната култура, стопанството и обредите на заедницата којашто ја основала оваа неолитска населба и континуирано живеела на неа во текот на неколку стотици години во почетокот на шестиот милениум п.н.е, односно пред 8000 години. При тоа, врз старите куќи се граделе нови со што се формирала тумба висока околу четири метри. Во овие архитектонски слоеви регистрирани се остатоци од десетина објекти градени еден врз друг, додека во текот на истражувањата се работеше на четири градби. При тоа се открија подови и ѕидови од живеалишта, како и глинени структури и мноштво мелници за обработка на житото кое што се одгледувало во нивите крај тумбата, соопштија од Центарот за истражување на предисторијата.

Од Центарот информираа дека во покуќнината се откриени керамички садови користени за готвење и конзумирање на храната, а голем дел од нив се декорирани со бели орнаменти и имале репрезентативен, односно церемонијален карактер.

– При истражувањата се пронајдоа и остатоци од жртвеници, модели на куќи и фигурини што говори за симболичките претстави на првите земјоделци во Пелагонија, додека камените и коскените алатки укажуваат на дел од стопанските активности на ова неолитско население, наведоа од Центарот.

Покрај стандардните археолошки ископувања се прибирале и примероци за радиокарбон, археоботанички и геоархеолошки анализи, што ќе овозможи прецизно датирање на локалитетот во сите негови фази, а воедно ќе даде и темелен увид во исхраната, домашните активности, климата и природните обележја, карактеристични за оваа населба и нејзината околина.

– Во моментот се подготвуваат неколку трудови со резултати од истражувањата што ќе бидат публикувани во македонски и европски списанија и на тој начин ќе му се даде поширока светска афирмација на овој значаен неолитски локалитет, информираа од Центарот.

Истражувањата на Велушка Тумба се финансиски подржани од македонското Министерство за култура.

Back to top button
Close