Заврши најголемата бадникова манифестација на Балканот

Заврши најголемата бадникова манифестација на Балканот – бадникови поворки, која традиционално се одржува за време на празникот Бадник. Во вкупно 75 градови и села во нашата земја и пет во дијаспората, коледарчињата организирани во групи, најпрво во своите маала, а потоа и здружено во поворка, радосно и достоинствено ја вознесуваа веста за Христовото Раѓање.

Централната манифестација се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје и на едно место ги собра децата од сите скопски општини кои ја оформија најголемата бадникова поворка. Тие од Камениот мост се упатија кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ на топол прием и пригодно дарување кај Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

-„Ова му е потребно на народот!“, „Така се одржува верата и традицијата!“, „Не’ расплакавте со ангелските гласови на децата“, беа дел од коментарите што ги упатија учесниците и набљудувачите.

Во рамките на манифестацијата, бесплатно беа поделени 2000 божиќни ѕвездички. Божиќниот концерт пак, традиционално предводен од „Златно славејче“ и македонските поп-ѕвезди ги подготви децата во еден глас да ја пеат „Вечниот Бог“. Концертот веќе втора година по ред, беше инклузивен и им овозможи и на глувите и наглуви лица да ја почувствуваат радоста на празнувањето.

За оваа манифестација, Здружението „Бадникови поворки“ доби највисокото признание на КОВЗ „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето трајни вредности.

Back to top button
Close