Заврши Соборот на СПЦ, во соопштението не се споменува дали има одлука да се бара автокефалност за МПЦ-ОА
Единствената реченица во официјалното соопштение каде што се споменува МПЦ-ОА гласи:
„Следниот благодатен и благословен настан на Соборот беше заедничкото сосолужување на соборната света литургија во храмот на свети Сава на Врачар по воспоставувањето на евхаристичкото општење и канонското единство помеѓу Српската православна црква и Македонската православна црква, како таа се нарекуваше по прекинот на општењето од 1967 година. Литургијата ја служеше патријархот српски г. Порфириј во сослужение на архиепископот охридски и македонски г. Стефан заедно со голем број архиереи, свештеници и ѓакони“.
Делегација на СПЦ предводена од патријархот Порфириј денеска треба да пристигне во Скопје, а утре тој заедно со архиепископот Стефан треба да сослужува на заедничка литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
Минатата недела двете цркви, предводени од поглаварите, одржаа литургија на помирување и во храмот „Свети Сава“ во Белград.
Заедничките литургии во Белград и Скопје следуваат откако на 9 месецов, Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет.
Заедничкото сослужување денеска го поздрави и вселенскиот патријарх Вартоломеј кој рече дека тоа може да се оцени како чин на помирување и соработка кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Северна Македонија.