Завршни зборови

Верувам дека светот е создаден за нежност, надеж, љубов, солидарност, страст, радост. Но, во светот има ужасна, неподнослива количина насилство.

Завршни зборови на судењето на Ала Гутникова, 23-годишна уредничка на московското студентско списание “Doxa”  (грчки: мислење, mнение). Гутникова во април минатата година беше осудена на домашен притвор и ѝ беше забрането да користи интернет, поради триминутно видео во кое таа и нејзините соуредници велат дека е нелегално студенти да се избркаат од факултет поради учество на протести.
Оттогаш поранешните уредници на Doxа се во домашен притвор (дозволено им е да да излегуваат само помеѓу 8 и 10 часот наутро). Бројни јавни личности, невладини организации, здруженија и независни медиуми изразија поддршка за поранешните уредници на Doxa. На 8 април 2022 година, судењето заврши со пресуда – двегодишна затворска казна со присилна работа (не е јасно каде и како ќе се изврши оваа казна) и тригодишна забрана за администрирање на веб-страници.
Нејзиниот говор беше објавен на 2 април 2022 година на https://doxajournal.rui и на англиски тука

 

Завршни зборови во судот

Нема да зборувам за случајот, претресите, испрашувањата, белешките, судењата. Бесмислено е и здодевно. Во последно време посетувам часови по гнев и замор. Но, дури и пред моето апсење, успеав да се запишам на училиште за способност да зборувам за навистина важни работи.

Би сакала да зборувам за филозофијата и литературата. За Бенјамин, Дерида, Кафка, Арент, Зонтаг, Барт, Фуко, Агамбен, Одри Лорд и Бел Кукс. За Тимофеевa, Тлостанова и Рахмањинова.

Би сакалa да зборувам за поезијата. Како да се чита модерна поезија. За Гронас, Дашевски и Бородин.

Но, сега не е ниту време ниту место за тоа. Своите мали, нежни зборови ќе ги сокријам на врвот на јазикот, на дното на гркланот, меѓу стомакот и срцето. И ќе кажам сосема малку.

Често се чувствувам како риба, птица, ученичка, бебе. Но, неодамна се изненадив кога дознав дека и на Бродски му било судено на 23 години. А бидејќи и јас сум дел од човечкиот род, ќе го кажам ова:

Во кабалата постои концептот tikkun olam – поправање на светот. Гледам дека светот не е совршен. Верувам дека, како што напишал Јехуда Амихај, светот е создаден убав, создаден за добро и за мир, како клупа во градина (во градина, не во судница!).

Верувам дека светот е создаден за нежност, надеж, љубов, солидарност, страст, радост.

Но, во светот има ужасна, неподнослива количина насилство. И не сакам насилство. Во ниедна форма. Ниту во форма на учителски раце во шорцевите на ученичките, ниту тупаницата на пијаниот татко на телата на жените и децата. Ако го набројувам целото насилство што ме опкружува, ден, недела или година не би ми биле доволни. За да го видите насилството околу вас, само треба да ги отворите очите. Моите очите се отворени. Гледам насилство и не го сакам. Колку е повеќе, толку повеќе го мразам. И најмногу од сè не го сакам најголемото и најстрашното насилство.

Многу сакам да учам, па ќе продолжам да зборувам со гласовите на другите.

Во училиште по историја ги учев изразите како „Слободата ја распнуваш, но човечката душа не познава окови“ и „За твојата и нашата слобода“.

Во средно ги читав „Реквием“ од Ана Андреевна Ахматова, „Стрмна патека“ од Евгенија Соломоновна Гинзбург, „Укинат театар“ од Булат Шалвович Окуџава, „Децата на Арбат“ од Анатолиј Наумович Рибаков. Ова беше мојата омилена песна на Окуџава:

Совест, благородништво и достоинство

Еве ја, нашата света војска.

Подади им рака.

Не плаши се за нив, ниту во огнот.

Образот им е импозантен и зачудувачки.

Посвети им ги своите кротки години:

Можеби нема да станеш победник,

Но, ќе умреш како човек!

Студирав француски на МГИМО и го научив стихот од Едит Пјаф: „Ça ne pouvait pas durer toujours (Не може да трае засекогаш)“ И  Марк Робин: „ Ça ne peut pas durer comme ça (Не може да продолжи вака)“.

На деветнаесет години отпатував во Мајданек и Треблинка и научив да кажувам „никогаш повеќе“ на седум јазици: никогаш повеќе, jamais plus, nie wieder, לא עוד, nigdy więcej, קיינמאל מער.

Ги проучував еврејските мудреци и најмногу ги засакав овие две мудрости. Рабинот Хилел рекол: „Ако не сум за себе, тогаш кој е за мене. Ако сум само за себе, тогаш зошто сум јас? Ако не сега, тогаш кога?“ А рабинот Нахман рекол: „Целиот свет е тесен мост и најважно е воопшто да не се плашиш“.

Потоа се запишав на културолошки студии и научив уште неколку важни лекции. Прво, зборовите се важни. Второ, работите треба да се нарекуваат со нивното вистинско име. И конечно: sapere aude, односно имај храброст да го користиш својот сопствен ум.

Смешно и апсурдно е што мојот процес е поврзан со учениците. Ги учев децата хуманистичките науки на англиски јазик, работев како дадилка, сонував две години да одам во мал град како дел од програмата „Учител за Русија“ и да го сеам разумното, љубезното, вечното. Но, Русија – преку устата на државниот обвинител, обвинителот Трјакин – смета дека сум ги инволвирала малолетниците во активности опасни по животот. Ако некогаш имам свои деца (а ќе ги имам затоа што ја помнам главната заповед), на ѕидот ќе им закачам портрет на еврејскиот прокуратор Понтиј Пилат за да пораснат во чесни луѓе. Прокураторот Понтиј Пилат стои и си ги мие рацете – тоа ќе биде портретот. Да, сега да се размислува да не се биде рамнодушен е опасно по животот, не знам ни што да кажам за суштината на обвинението против мене. Ги мијам рацете.

И сега е моментот на вистината.

Час по толкување на книгите.

Ниту јас, ниту моите пријатели, од сиот тој ужас и болка, не можеме да најдеме место за себеси. Но кога ќе се спуштам во метрото, не гледам лица извалкани со солзи. Не гледам расплакани лица.

Ниту една од моите омилени книги – ниту за деца, ниту за возрасни – не подучуваше на рамнодушност и кукавичлук. Никаде не ме научија на овие фрази:

ние сме мали луѓе

Јас сум едноставна личност

Не е сè толку едноставно

Никому не треба да му се верува

Некако не ме интересира сето тоа

Далеку сум од политика

Тоа не е моја работа

Ништо не зависи од мене

Властите ќе разберат

Што можев да направам јас

Напротив, знам и сакам сосема различни зборови.

Џон Дон преку Хемингвеј вели:

„Ниту еден човек не е остров, сосема сам за себе; секој човек е дел од континентот, дел од земјата; ако морето одземе грутка земја – Европа е помала, како да однело некој ‘рт, посед на твојот пријател, или твој, смртта на секој човек ме смалува и мене затоа што сум опфатен во човештвото. И затоа никогаш не прашувај за кого бијат камнбаните. За тебе бијат“.

Махмуд Дарвиш вели:

Кога подготвуваш појадок, помисли на другите

(не заборавај да ги нахраниш гулабите).

Кога војуваш, мисли на другите

(не ги заборавај оние кои бараат мир).

Кога ја плаќаш сметка за вода, мисли на другите

(оние кои ги хранат облаците).

Кога ќе се вратиш дома, во својот дом, помисли на другите

(не заборавај на луѓето во камповите).

Кога спиеш и броиш ѕвезди, помисли на другите

(на оние кои немаат каде да спијат).

Кога ги изразуваш своите мисли во метафори, помисли на другите

(оние кои го изгубиле правото на глас).

Кога мислиш на оние кои се далеку, помисли на себе

(кажи си: Ах, да сум барем свеќа во темнината)

Генадиј Головатиj пишува:

Слепите не можат гневно да гледаат,
немиот не може бесно да вика.
Безракиот не може да држи оружје,
безножните не можат да маршираат.

Но – немиот може гневно да гледа,
Но – слепиот може бесно да вика.
Но – безножниот може да држи оружје.
Но – безракиот може да маршира.

Знам дека некои луѓе се плашат. Тие избираат тишина.

Но, Одри Лорд вели: Вашата тишина нема да ве заштити.

Во московското метрo: На патниците им е забрането да се во воз кој оди во ќорсокак.

Аквариумот во Санкт Петербург додава: Овој воз е во пламен.

Лао Це преку Тарковски вели: Најважно е да веруваат во себе и да останат беспомошни како деца. Затоа што слабоста е моќ, а силата е безначајна. Кога се раѓа човекот, тој е нежен и мек, а кога умира е тврд и бесчувствителен. Кога расте дрвото, тоа е нежно и флексибилно, а кога е суво и тврдо, умира. Нечувствителноста и ригидноста се придружници на смртта. Слабоста и флексибилноста ја изразуваат свежината на битието. Затоа, она што стврднало нема да победи.

Запомнете, стравот ја јаде душата. Сетете се на ликот на Кафка, кој кога гледал како се поставува бесилка во дворот на затворот, погрешно помислил дека е наменета за него, ноќта избегал од ќелијата и се обесил. Бидете како деца.

Не плашете се да се прашате (себеси и другите) што е добро, а што лошо. Не плашете се да кажете дека кралот е гол. Не плашете се да врескате, да вреснете во плач. Повторете (во себе и на другите): 2 + 2 = 4. Црното е црно. Белото е бело. Јас сум човек, јас сум силен и храбар. Јас сум силна и храбра. Ние сме силни и храбри.

Слободата е процес низ кој ја развивате навиката да бидете недостапни за ропство.

Aла Гутникова
превод: Лени Фрчкоска

извор: МЕДУЗА

Back to top button
Close