Збогум Европо

Дали Македонија и кажа збогум на Европа, или само довидување, е во моментов најважното политичко прашање иако има обиди тоа да се засени со пароли за патриотизам.

Пишува Соња Крамарска.

 

Го прашав ChatGPT како го толкува ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот на Владата и партиски лидер Мицкоски да не прават уставни измени за внесување на Бугарите во нашиот конститутивен акт. Ми одговори дека тоа значи дека власта е повеќе подготвена да ја плати цената за застојот на државата отколку цената за ново понижување. Во превод тоа значи и дека владејачката партија и нејзиното раководство кое седи и во Владата процениле дека ќе освојат повеќе симпатии на домашната сцена ако не го исполнат условот од преговарачката рамка, отколку ако го исполнат.

Оттука, случувањата непосредно пред изгласувањето на извештајот на Вајц, и по неговото изгласување, можеме да ги означиме како збогување со Европа затоа што премиерот јасно даде до знаење дека нема да прават уставни измени. „На талибански начин се брише македонскиот идентитет и јазик од извештајот во Европа“, рече Мицкоски. Тој изјави и дека не сака никој никогаш да му споменува дека бугарското малцинство е проблем, и дека уште утре можеме да го внесеме бугарското малцинство во Уставот но дека чекорите кои ги презел нашиот источен сосед низ европските ходници покажуваат други намери на Софија.

Меѓутоа таквите изјави звучат добро само доколку водат кон расплет а не кон заплет. Исклучувањето на Македонија од патот кон ЕУ значи и плаќање на политичка, економска и демографска цена. Мицкоски рече дека нема да ги напуштиме преговорите. Остануваме уште попосветени, вели тој, и ќе докажеме дека со реформите дома сме најдобриот ученик во одделението и да бидеме посакувани од страна на ЕУ. Но во кои преговори остануваме? Ако мисли на билатерални преговори со Бугарија такви не постојат. А ако мисли на преговори за членство во ЕУ и тие не постојат. Условот е јасен: прво Бугари во Уставот па потоа одмрзнување на преговорите.

 

Играта на Европа

Ќе треба Владата подетално да објасни во какви преговори останува со ЕУ или со источниот сосед, освен ако ветувањето дека нема да ја напушти масата е само флоскула за јавноста. Она што засега може да се види е експлозија од патриотизам, заводлив и пресметлив пред изборното соочување во октомври. Иако локалните избори ја немаат тежината на парламентарните видливо е дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе го стави патриотизмот како политички влог во одмерувањето на силите.

Од друга страна запрепастувачки е и каква игра одигра Европа со здруженото бришење на зборовите „македонски јазик и идентитет“. Затоа што со преземањето на таква акција, бездруго под притисок од Бугарија, европскиот парламент успеа да претвори еден ординарен и необврзувачки документ во ракетен погон за евроскептиците во Македонија и во регионот. Ги нахрани националистите, даде силно алиби на властите во Скопје да ја игнорираат преговарачката рамка и го направи спротивното од тоа на што предупредуваа во извештајот: ја фрли малата и дезориентирана балканска земја во рацете на Белград. Заби уште еден нож во грбот на европската идеја и надеж. Тоа се ефектите од долгонајавуваниот извештај на Томас Вајц за напредокот на Македонија.

Европарламентарецот Томас Вајц облечен во зелен џемпер говори на панел со бела табла со неговото име (T. Waitz) пред него и знамето на ЕУ зад него.Европарламентарецот Томас Вајц облечен во зелен џемпер говори на панел со бела табла со неговото име (T. Waitz) пред него и знамето на ЕУ зад него.

Затоа, збогум Европо, можеби ќе се видиме на некое друго место. Скептиците би рекле дека ќе се видиме во Бугарија која се гордее со издавањето бугарски пасоши на македонски државјани. Засега само од економски причини, а утре којзнае. При прва промена на геостратешките околности, безбедносна закана или нови барања за внатрешно преуредување на Македонија, можеби истите што сега велат дека зеле бугарски пасоши поради економски причини ќе се изјаснат и за асли Бугари. Економските причини може лесно да преминат во политички причини доколку Албанија и Црна Гора влезат во ЕУ а Македонија остане во чекалницата.

 

Хрватските лекции

Додека ние овде треперливо го чекавме извештајот на Европскиот парламент, Хрватска одбележа 12 години членство во Европската унија. Пратеникот од ХДЗ Давор Иво Стиер рече дека патот до членството на Хрватска во ЕУ бил исклучително тежок. „Се виде дека Хрватска за разлика од некои претходни кандидати мораше да направи многу повеќе за да ги увери државите членки да продолжат со проширувањето“, рече тој. Пратеничката Билјана Борзан од СДП рече дека влезот на Хрватска во ЕУ е голема работа за државата и дека Хрватска добила многу повеќе отколку што морала да даде. „Голема привилегија е да се биде во најнапредниот дел од заедниците во светот. Слободите во ЕУ се на такво ниво што сите посакуваат да живеат во ЕУ“, рече таа. Пратеникот Стиер изјави и дека ако се гледа колку финансиски и дале на ЕУ а колку добиле, Хрватска е во плус 15 милијарди евра. „Кога влеговме во ЕУ бевме на 61 процент од европската развиеност а денес сме 78 проценти. Нашиот БДП се удвои откако влеговме во ЕУ“, рече тој.

Хрватска поднесе апликација за прием во 2003 а Македонија во 2004. Тие добија статус на кандидат во 2004 а ние во 2005. Хрватска беше примена во ЕУ во 2013 а ние уште не можеме да ги почнеме преговорите. Приемот ја трансформираше Хрватска. Од ЕУ фондовите потекоа пари во инфраструктурата, екологијата, дигитализацијата, иновациите и развојот на општеството. Само при земјотресот во 2020 година Хрватска доби една милијарда евра помош од европскиот фонд за солидарност.

Противниците на нашиот европски сон веројатно ќе го цитираат хрватскиот претседател Милановиќ кој рече дека има живот и надвор од ЕУ алудирајќи на децениската агонија на Македонија на патот кон ЕУ. Тоа е точно. Има живот и надвор од европскиот континент, и од американскиот, има живот и во Африка. Прашањето е сепак каков е квалитетот на тој живот. Затоа, дали нашата земја по последниот развој на настаните и кажа збогум на Европа, или само довидување, е во моментов најважното политичко прашање иако има обиди тоа да се засени со пароли за патриотизам и изневерени очекувања.(dw)

Back to top button
Close