Збогум за француски балкони и базени во стариот дел на Охрид

Со Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, којшто е  во собраниска процедура, се прави обид да се заштитат  богатите културно-историски, архитектонски, археолошки, уметнички и етнолошки вредности кои што на овој дел на градот му даваат посебност, раритетност, репрезентативност, автентичност, зачуваност, разновидност и интегралност.

Се легализираат дивоградби, се менува ликот на чаршијата со промена на фасадите, улиците се поплочуваат со бекатон плочки, а старата турска ќерамида се менува со други покривни материјали

Строги правила

Со измените од 2015 година, Старото градско јадро на Охрид е поделено на 19 урбани комплекси. Секој од урбаните комплекси содржи специфичен режим на заштита. За секој урбан комплекс е предвидено да се донесе посебен детален урбанистички план. Деталните урбанистички планови ќе содржат заштитно-конзерваторски основи, кои ги изработува надлежната јавна установа за заштита – НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, а ги одобрува Управата за заштита на културното наследство.

Градот Охрид, којшто е на Листата на светско наследство на УНЕСКО од 1979/80 година, со години наназад се соочува со критики и опасност да го изгуби статусот поради недоволната заштита на езерото и прекумерната урбанизација.

Закани

Во Старото градско јадро на Охрид се евидентирани повеќе закани кои негативно влијаат врз неговата исклучителна универзална вредност. Најважна е интензивната урбанизација со која се уриваат постојните градби и на нивно место се градат нови со зголемен габарит и фасаден изглед кој не ги одразува традиционалните карактеристики на урбаното јадро. Потоа, драстично се зголемуваат објектите и се градат некарактеристични поткровја. Се легализираат дивоградби, се менува ликот на чаршијата со промена на фасадите, улиците се поплочуваат со бекатон плочки, а старата турска ќерамида се менува со други покривни материјали. Ваквите појави се нотирани и во извештаите на УНЕСКО, поради што се наметна потребата од поголема заштита на градот и особено на старото градско јадро.

Поради тоа, со законски измени се наложува да не се прават крупни урбанистички зафати, да не се менуваат висината, габаритот и фасадниот изглед на куќите, забрането е да се прават галерии или потпокриви, без или со баџи, или покриени рамни тераси и да се изведуваат француски балкони.

Што се забранува?

Во план е и забрана за изградба на гаражи и базени како посебни објекти на градежната парцела, не е дозволено да се воведуваат нови намени на објектите кои предизвикуваат бучава и загадување на околината, како и да се употребуваат асфалт, цемент или бекатон на пешачките и колските површини. Мештаните на домовите смеат да ставаат само ПВЦ прозорци и врати во кафеава боја, но не смеат да поставуваат телевизиски антени, репетитори, големи рекламни паноа, билборди, неонски светлечки реклами, фотоволтаични уреди и сончеви колектори. 

Со забраната се опфатени и игрите на среќа. Па така, се забранува да се даваат намени на објектите во кои ќе се вршат активности на приредувачите на игрите на среќа и на забавните игри, но и да се оштетува и деградира Старото градско јадро на Охрид, особено со несоодветно користење и недоволно одржување.

Жителите во стариот град на Охрид ќе треба да ги вратат старите занаети и автентичниот фасаден изглед на објектите. Објектите градени меѓу двете светски војни, треба да ги задржат покривите со црвена ќерамида, а објектите од традиционалната староградска архитектура да ја сочуваат фасадата на приземјата и на високите приземја од полуобработен камен. Катовите треба да се малтерисани и обоени со бела боја, а стреите да бидат изработени од дрво.

Охрид
Враќање на старите занаети во чаршијата и строги правила за зачувување на автентичниот изглед на старите градби

Климите треба да бидат затскриени

Постојат посебни правила и околу поставувањето на клима уредите. Тие треба соодветно да бидат затскриени, така што да не бидат видливи од просторот од Старото градско јадро на Охрид или од езерото, како и на уличните фасади.

Во Старото градско јадро на Охрид може да се градат нови објекти, доградби и надградби доколу е тоа пропишано со режимот на заштита во заштитно-конзерваторските основи вградени во деталните урбанистички планови.

Старото градско јадро на Охрид претставува комплексна споменичка целина чие оформување, според потврдените артефакти а, пред сè, според зачуваните објекти, без прекин живее од праисториските времиња, преку античкиот и доцноантичкиот период, раното христијанство, раниот и развиениот среден век, османлискиот и преродбенскиот период, па сè до денес, при што се опфаќа период од IV век пр. н.е. до XXI век. (DW)

Back to top button
Close