„Зборуе Радио Скопје“: Денес славиме точно 80 години од првиот радио пренос на македонски јазик

На 28 декември 2024 година, се навршуваат 80 години откога во далечната 1944 година, за првпат во ослободената татковина, на македонски јазик во етерот се пренеле зборовите на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески – Тале:

Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија…

Ваквите јубилејни годишнини се повод да се потсетиме на тие настани и да го проследиме патот на развојот до денешни дни, а младите генерации да научат нешто повеќе за своите корени. Во овој случај за развојот на Македонското Радио.

Првите почетоци, “Зборуе Радио Скопје, Зборуе Радио Скопје”

Опишувајќи го развојниот пат на радиодифузијата, а воедно и развојот на студиската техника на Радио Скопје, мора да се одбележи пуштањето на работа на 20 KW среднобранов предавател во Маџари, со бранова должина од 631,5 KHz, како тогаш најмоќен предавател на Балканот и четврта радиостаница во некогашното Кралство Југославија (по Белград, Загреб и Љубљана). Воедно, тогаш бил изграден и првиот режиско-студиски простор во приземна зграда која во почетокот имала режија од 15 m2, како и спикерна од 12 m2 и студио од 38 m2 кое што не било довршено. “Радио Скопље”, како што тогаш го нарекувале, било замислено како радио релејна станица на Радио Белград т.е. да ја прима и реемитува неговата програма. Неговото пуштање било на 27 јануари 1941 година.

Непосредно пo нападот врз Кралството Југославија од страна на Оската (6 април 1941) на 8 април 1941 година, 9-та тенковска дивизија на германската армија го зазела Скопје. Проценувајќи ја важноста на радиостаницата во идната пропагандна дејност радио-аташето (службеник на Министерството за надворешни работи на Германија), г-дин Лане (Lane) добил налог да замине за Скопје во придружба на двајца техничари и еден спикер со задача да ја провери и оспособи радиостаницата за работа. На 10 април изутрината, по изведувањето на потребните технички работи бил назначен и нејзин раководител, а тоа бил Др. Хартман (Hartmann) од пропагандната служба на Германија, претходно прекомандуван на работно место во Радио Софија.

Со цел да ги избегне саботажните акции, што секојдневно биле изведувани во Скопје, радио-аташето издал наредба за удвоена стражарска екипа и добро ја обезбедил зградата. Било договорено за Радио Скопје исклучиво да биде надлежен радио-аташето при германското пратеништво во Софија. Секојдневно, преку телефонски упатства, требало да ја одредува програмата на Радио Скопје преку кое требало да се емитуваат емисии на германски јазик од Радио Софија и емисии на германското радио примани на кратки бранови.

Во рамките на предавањето на Македонија на Бугарија,требало да биде отстапено и Радио Скопје. Колку тоа било значајно за германската пропаганда зборува и податокот што веднаш по завземањето, бугарската влада требало да ѝ плати на фирмата Телефункен 250 000 рајх марки за техничко опремување на Радио Скопје.

Овие интересни податоци за работата на радиостаницата во окупациските денови се пронајдени во германските архиви и презентирани во “Гласник” на Институтот за национална историја од г-ѓа Вера Весковиќ Вангели. (Емитер)

Повеќе…

Back to top button
Close