Здравица за новата 2024: Мир во светот
Денко Малевски
Вообичаено, и во оваа 2024 да си посакаме здравје, но и да не го заборавиме мирот во светот. Зашто, и во новата година, продолжува вечната борба на човештвото против четворицата јавачи на апокалипсата: црвениот(војната), белиот (болеста), црниот (гладот) и синиот (смртта). Двете светски војни кои манифестираа дотогаш невидена разурнувачка моќ , големиот број регионални конфликти како и нуклеарната закана за конечен холокауст на човетвото се основната причина поради која мирот станува еден од приоритетите на надворешната политика на државите изминативе децении. Мојата генерација живееше во сенката на светскиот холокауст, потенцијална нуклеарна пресметка помеѓу двата блока, американскиот и советскиот, ама со изострена свест за опасноста. Учествував во европски студентски манифестации за мир под мотото : „Подобро денес активен отколку утре радиоактивен“. Денес се прашувам: Каде се затапи таа свест за опасноста и од каде рамнодушноста за нашата судбина како човештво? Немам одговор, но ноншалантноста со која се однесуваме кон мирот на меѓународната сцена, па и дома, е запрепастувачка и тука мораме нешто да смениме во новата година. Особено сега кога руската агресија врз Украина и заканата дека Русија е спремна да употреби нуклеарно оружје за остварување на своите цели, го запали алармот за опасност од нуклеарна војна, поместувајќи ги сказалките на часовникот сосема блиску до армагедонот.
Инаку, алармот е воведен во 1945 од Алберт Ајнштајн и група научници од универзитетот во Чикаго кои, со проектот „Менхетен“ помогнаа да се создаде нуклеарното оружје. Тогаш е издаден и Билтен на атомските научници во кој се прогнозира времето до Судниот ден, моментот до последното одбројување пред почеток на светска нуклеарна војна која ќе го уништи човештвото. Секоја година Билтенот, во консултација со атомски научници, објавува колку сме далеку или блиску до војна во тоа замислено апокалиптично сценарио. Оваа година сме поблиску до Судниот ден од било кога досега: 90 секунди. Генералниот секретар на ОН Гутереш ќе изјави дека светот „живее во време на нуклеарна опасност досега невидена од врвот на Студената војна“. Дури и без директна намера, во судирот помеѓу Русија и Америка се можни грешки кои би ескалирале до нуклеарна војна. Затоа, во новата година мораат да се истражат патиштата кои водат до мир, пред се преку директен дијалог помеѓу двете светски нуклеарни сили. Но, и малите држави како нашата имаат своја улога: одново да ја изострат затапената свеста за важноста од секојдневна борба за мир дома и во светот. Ете уште една здравица за новата 2024 година.