Здравствената состојба на иранската нобеловка Мохамади се влошува, лекарите оценуваат дека не смее да се врати во затвор
Здравствената состојба на иранската нобеловка за мир, Наргес Мохамади, значително се влошила поради прогресијата на васкуларната болест, објави синоќа нејзината фондација.

Мохамади, која затворската казна ја издржува во иранскиот град Занџан, во неделата беше префрлена во болница во Техеран.
Медицинскиот тим што ја лекува Мохамади објави дека „делот од централниот нервен систем во мозокот одговорен за автономна контрола и прецизна регулација на крвниот притисок претрпел функционално оштетување“.
Оваа 54-годишна жена во моментов е хоспитализирана, а нејзините лекари нагласуваат дека таа „не смее да се врати во затворската средина поради нејзината физичка неспособност да издржи понатамошни стресни услови“.
Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година за нејзината борба против угнетувањето на жените и смртната казна во Иран, како и за нејзината посветеност на човековите права и слободи. Со оглед на тоа што таа беше затворена кога ја прими наградата, нејзините деца ја примија во нејзино име.






