Здравствени работници бараат изземање од посебните избирачки одбори кои треба да го спроведат гласањето кај лицата со ковид-19 во понеделник

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница соопшти дека до завршувањето на рокот синоќа на полноќ пријави за гласање до Општинските изборни комисии доставиле 742 лица со Ковид-19 и 9.465 болни, немоќни и хронично болни. Најдоцна утре ќе се знае конечниот број на прифатени пријави. ДИК и денеска вршеше избор на членови на посебните изборачки одбори, кои треба в понеделник да го спроведат гласањето за лицата со Ковид-19 и во самоизолација.

Членот на ДИК, Борис Кондарко на седницата потенцираше дека при одлучувањето за прифаќањето на пријавите за гласање на лицата со Ковид-19 и во самоизолација на болните, немоќните и хорнично болните, општинските изборни комисии ќе се водат врз основа на упатството од ДИК во кое се содржани условите за прифаќање на барањата.

Во 58 општини за гласање се пријавиле лица со Ковид-19 или во самоизолација, а нема формирано посебни избирачки одбори во 32 општини, бидејќи здравствените работници кои се бираат врз основа на списоците доставени од Министерството за здравство постојано бараат изземање. Досега тоа го побарале околу 120 здравствени работници. Само денеска се вршеше замена на четириесетина.

Членот на ДИК Елизабета Постолоска побара од здравствените работници сериозно да ги сфатат нивните молби, бидејќи доколку има нови барања за изземања во посебните избирачки одбори, во понеделник во некои општини нема да може да се спроведе гласањето за лицата со Ковид-19 и во самоизолација.

– Пред да пристапиме кон изборот на тие што претходно ги изземавме, јас навистина морам да го кажам следново. За два дена ние успеавме да исконтактираме 80 луѓе кои претходно беа избрани. Од тие 80 здравствени работници, веќе 50 од нив поднесоа барање за изземање. Многу ми е жал што здравствените работници не ја сфатија сериозно нашата молба за помош. Ние овде сега треба да избереме уште најмалку 70 здравствени работници кои треба да го извршат гласањето во понеделник. Уште еднаш апелирам до сите здравствени работници кои денеска ќе бидат избрани, ве молиме да не сфатите сериозно затоа што ќе останеме без луѓе, нема да можеме да ги спровевдеме изборите. Понеделник мора да имаме здравствени работници, рече Постолоска.

Според неа, ДИК две недели прави надчовечки напори да ги пронајде овие луѓе.

– Состојбата станува веќе алармантна. Ги повикувам сите институции – министерот за здравство, директорите на болниците сериозно да ја сфатат оваа работа и да им кажат на здравствените работници дека оваа битка не е само наша. Ние како држава треба сите да се залагаме за да имаме успешни избори, рече таа, додавајќи дека нема време бидејќи гласањето е в понеделник на 13 јули, а допрва треба да се спроведат и обуките.

Постолска додаде дека имаат разбирање за сите здравствени работници, а дека автоматски се изземаат оние кои работат со лица со Ковид-19.

Кондарко, пак, од друга страна истакна дека не треба да се крева паника и да се обвинува некој, бидејќи ДИК постапува по процедура и по законски овластувања.

– Такви се во моментот условите и ние ќе се прилагодиме. Времето е кратко и ќе го спроведеме гласањето согласно нашите обврски и согласно законот, рече Кондарко, додавајќи дека ќе се изземе она што е основано, но и дека не може однапред да се генерализира и да се обвинува.

Кондарко смета дека дополнително ќе може да се провери дали има поединечни злоупотреби.

Вечерва на полноќ звршува рокот за пријавување на набљудувачи на изборите.

Back to top button
Close