Здружение на ЈО: Политичарите да се воздржат од неосновани напади врз обвинителите
Здружението на јавните обвинители најостро реагира на недоличните и неаргументирани изјави на одредени политичари со кои директно се загрозува интегритетот и самостојноста на Јавното обвинителство и на правосудните институции воопшто, реагираат денеска од Здружението на ЈО.
-Апелираме особено политичарите во предизборната реторика да се воздржат од неосновани напади со кои ја поткопуваат довербата во правосудните институции и го нарушуваат угледот на јавните обвинители.
Јавното обвинителство е самостојна институција чија работа се темели исклучиво врз основа на Уставот, законите и материјалните докази. Ниту еден предмет не може и не смее да се води врз основа на политички притисоци или јавни прозивки, туку само врз основа на аргументирани факти и во рамките на законски пропишаните процедури.
Потсетуваме дека секој што смета дека постојат елементи за кривично гонење, има право да поднесе соодветна пријава до надлежното обвинителство. Пријавата ќе биде внимателно разгледана и процесуирана во согласност со доказите и законската рамка.
Јавните обвинители ја извршуваат својата функција професионално, совесно и самостојно, и токму затоа е од особена важност да се обезбеди простор тие да ја вршат својата работа без притисоци, навреди или мешање од страна на политички или други центри на моќ, се наведува во реакцијата