Здружението на инженери на Македонија со итно барање до Владата за пристап до јавни информации за ветерниот парк во Штип

Денеска до Владата на Република Северна Македонија и нејзините министерства го испративме следното барање за информации од јавен интерес во врска со најавениот почеток на изградбата на ветерниот парк на странскиот инвестициски фонд „Алказар Енерџи“.

 

Според одговорите ќе видиме како Владата се однесува кон природните ресурсите на државата и кон граѓаните. Се работи за отстапување на многу важни природни ресурси, поради што граѓаните ќе претрпат големи загуби и за што сметаме дека не се запазени многу законски процедури, но да го почекаме одговорот.

 

================================

Oд ИЛИЈА БЕНДЕВСКИ ( Администратор ),

Здружение на инженери на Република Македонија (З_ИРМ)

ул. Васко Карангелевски бр 17 Битола.

телефон 075 541 917,

e-mail: [email protected]

Предмет:

БAРАЊЕ ЗА ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР ЗА ИЗГРАДБА НА ВЕТЕРЕН ПАРК ВО ШТИП

 

До:

 

Влада на Република Северна Македонија, e-mail: [email protected]

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини: e-mail: [email protected]

Министерство за економија и труд, e-mail: [email protected]

Министерство за животна средина и просторно планирање e-mail: [email protected]

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), e-mail: [email protected],

МЕПСО, e-mail: [email protected]

 

Почитувани,

 

Врз основа на член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер (Сл. весник на РСМ број 101/2019), бараме институциите наведени во насловот да ни овозможи слободен пристап до следните информации од јавен карактер:

 

БАРАМЕ во најкраток можен рок да ни биде доставена (или објавена на веб-страниците на надлежните институции) целосната документација поврзана со најавената инвестиција на инвестицискиот фонд „Алказар Енерџи“ за изградба на ветропарк во околината на Штип, вклучително, но не ограничено на:

 

1. Одлуки, записници и акти на Владата и надлежните министерства во врска со проектот;

2. Јавен повик, договори, меморандуми или други форми на спогодби склучени со инвеститорот;

3. Студија за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС), со прилози;

4. Урбанистичка документација за предвидената локација (детален урбанистички план, урбанистички проект и слично);

5. Издадени одобренија за градба;

6. Издадени лиценци, дозволи и согласности од страна на РКЕ, МЕПСО, Министерството за економија, Министерството за животна средина и локалната самоуправа;

7. Документи поврзани со доделување на концесија, доколку истата е издадена;

8. Документација за јавни расправи и консултации со засегнатата јавност (објави, стенограми, присуства, забелешки од јавноста);

9. Проценка за трошоци и корист (cost-benefit анализа) за државата и граѓаните;

10. Стратегиска анализа и енергетски развоен план во кој е вклучен овој проект;

11. Информации за сопственичката структура на „Алказар Енерџи“, вклучително и посредници и правни субјекти ангажирани во постапката.

12. Документација и/или студија што морала да биде изработена од страна на МЕПСО во врска со приклучувањето на ветропаркот на електроенергетската мрежа, вклучително и технички, правни и финансиски аспекти на приклучокот.

Имајќи предвид дека станува збор за објект од стратешко значење за државата, со влијание врз природните ресурси, животната средина и цената на енергијата за граѓаните, сметаме дека објавувањето на целата документација е во јавен интерес, кога информацијата се однесува на заштита на животната средина, природни ресурси и здравјето на населението.

 

Доколку институцијата смета дека дел од информациите содржат заштитени или доверливи податоци, бараме применување на начелото на „одвојување“ , со доставување на достапните делови од документацијата.

 

Бараме наведените информации да ни бидат доставени во електронска форма преку е-пошта или во писмена форма, согласно законски предвидениот рок и согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

Очекуваме Ваш одговор во законскиот рок од 20 дена.

 

Битола 27.07.2025год

 

Со почит,

1. Ана Лазаревска, проф. д-р, дипл. маш. инж.

2. Атанаско Тунески, проф. д-р, дипл. маш. инж.

3. Дејан трајковски, проф. д-р, дипл. маш. инж.

4. Ели Секуловска, дипл. ел. инж.

5. Илија Петровски, проф. д-р, дипл. инж. инж. во пензија

6. Илија Бендевски, дипл. ел, инж. во пензија

7. Методија Величковски , Ген. потполковник во пензија

8. Цветко Милопевски, дипл. ел. инж. во пензија

9. Татјана Илиевска, дипл. ел. инж.

10. Златко Поповски, дипл.ел. инж. во пензија

Back to top button
Close