Здружението на инженери со реакција: Странските когенеративни централи нема да го решат аерозагадувањето во државата
Здружението на инженери на Македонија (ЗИРМ), категорично се спротивставува на ставовите на премиерот Христијан Мицкоски и на Владата дека когенеративните централи се севкупно решение за аерозагадувањето. Од Здружението нагласуваат дека овие централи можат да имаат одредени економски придобивки, но нивното промовирање како главно решение за загадувањето е неточно и погрешно насочено.

Реакцијата на инженерите следи откако премиерот пред три дена најави турска инвестиција во македонската енергетика за изградба на гасни когенеративни централи, со кои, како што потенцираше, ќе се намали аерозагадувањето во државата.
„Пристапот на Владата за решавање на аерозагадувањето со изградба на гасни когенеративни централи и соодветни системи за топлификација е едностран и застарен, бидејќи природниот гас не е еколошко гориво и емитува јаглерод диоксид. Покрај тоа, неизвесноста за приклучување на доволен број потрошувачи на новите цевководни системи може да ги направи овие инвестиции промашени. Аерозагадувањето во Македонија е резултат на загадувачки индустриски капацитети, неефикасни системи за греење, согорување на несоодветно исушено огревно дрво и неконтролиран сообраќај. Неправилното урбанистичко планирање дополнително го влошува проблемот“, реагираат инженерите.
Според нив, решението за аерозагадувањето треба да биде системско, долгорочно и современо, преку промоција на енергетски ефикасни системи за греење, развој на топлификацијата, но со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија – геотермални извори, биомаса, отпадна топлина од индустријата и топлински пумпи. Потребно е и заострување на регулативите за индустријата и сообраќајот, потенцираат инженерите.
Тие се децидни дека сите енергетски капацитети и потенцијали за соларни, ветерни, хидроцентрали, како и сите останати инвестиции во енергетиката, мораат да бидат домашни – македонски – државни. Инженерите се на став дека странските инвестиции во енергетскиот сектор на македонска територија не можат да се сметаат за стратешки, ниту пак го зголемуваат енергетскиот суверенитет на нашата држава. Напротив, велат од ЗИРН, тие создаваат зависност и ја ограничуваат контролата на Македонија врз сопствените енергетски ресурси.
„Очекуваме Владата да остане на ветувањата дека ќе се фокусира на развојот и поддршката на национални енергетски капацитети кои ќе бидат во служба на граѓаните и економијата на Република Македонија. Решенијата за аерозагадувањето мора да бидат засновани на реални и одржливи политики, а не на некакви интереси кои не се во корист на државата и нејзините граѓани. Ги повикуваме сите релевантни институции, експерти и јавноста да поддржат стратегија која ќе гарантира вистинска енергетска независност и чиста животна средина за сегашните и идните генерации“, се наведува во соопштението на ЗИРН.
Премиерот Мицкоски пред три дена се сретна со раководството на „Казанчи Холдинг“, по што соопшти дека компанијата е заинтересирана да инвестира во изградба на гасни когенеративни централи. Целиот проект, како што објасни тој, вклучува изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи и е димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра.
„Јас во минатото говорев, кога станува збор за решавање на проблемот со загадување на воздухот дека разговараме со инвеститори кои се заинтересирани за градење на когенеративни гасни централи кои всушност се единственото трајно решение за загадениот воздух. И дека се друго би значело ставање на проблемот под тепих. Станува збор за когенеративни централи со 500MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Токму ‘Казанчи Холдинг’ е компанијата со која разговараме за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стига до домаќинствата по исклучително поволни услови. Приклучоците на гасоводна и топловодна мрежа се предвидуваат на 0 денари за домаќинствата, а цената на природниот гас за домаќинствата ќе биде многу пониска од онаа цена која е на берзите“, соопшти Мицкоски.
Здружението на инженерите и претходно реагираше во врска со проектот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ по пат на јавно-приватно партнерство. Тие оценија дека тој проект е штетен и дека со него се нарушува електроенергетската независност на земјава и се дава на управување воден ресурс кој, како што посочија, е веројатно најзначаен во овој век.