Здружението на приватни лекари се огради од протестот на матичните лекари

Здружението на приватни лекари се огради од денешниот протест на повеќе матични лекари од целата земја кои излегоа пред своите ординации на получасовен молк, објави СДК.МК.

Претседателката на Здружението на приватни лекари за порталот објаснува дека организатор на протестот била Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари а не тие.

-Здружението не е организатор на тој протест. Не знам зошто се протестира за нешто што ние го стопиравме на 1 јули –изјави претседателката на Здружението д-р Лилија Чолакова-Дервишова за СДК.МК, додавајќи дека нема да дава никакви изјави на ден пред избори.

Лекарите кои денеска излегоа на протест не даваа изјави за медиумите туку споделуваа фотографии од пред своите ординации на социјалните мрежи под хаштагот #ДостаЕ#MjaftMë. Нивните барања се:

  • Итна помош во медицинска заштитна опрема, дезинфициенси;
  • Право да упатуваат пациенти на тестирање по нивна процена како лекари, а не алгоритам;
  • Да имаат член претставник од матичните лекари во комисија за заразни болести;
  • Стопирање на било какви „реформи” најавени за од 01.07, невиден преседан во сред пандемија;
  • Помош во вид на итно ангажирање на млади колеги кои веднаш ќе се вклучат во системот, а во моментов седат дома без работа.

Министерството за здравство преку соопштение реагираше дека е изненадено од денешниот протест на матичните лекари и тврдењата за игнорантски однос.

Спротивно на тврдењата на лекарите кои протестираа, од здравство тврдат дека:

  • Матичните лекари од првиот ден на епидемијата добија медицинска заштитна опрема и покрај тоа што министерството нема никаква обврска да ги снабдува со истото;
  • Подготвениот алгорирам за индикација за тест за ковид-19 е изработен со цел да ја олесни работата на матичните лекари и да обезбеди унифициран пристап. Истиот апсолутно не ја комромитира експертизата на матичните лекари, кои од самиот почеток се целосно вклучени во системот на дијагностика, следење и третман на пациентите со ковид-19;
  • Во однос на барањето на матичните лекари да имаат претставник во комисија за заразни болести појаснуваме дека согласно член 59 од Законот за заштита на население од заразни болести „Министерот формира комисија за заразни болести како советодавно тело. Членовите на Комисијата од став 1 на овој член се избираат за време од четири години од редот на истакнати стручњаци од епидемиологијата, инфектологијата, микробиологијата, педијатријата, ветерината и други специјалности“;
  • Во однос на обезбедување помош од млади колеги, согласно измената на Законот за здравствена заштита од јануари минатата година, секој дипломиран доктор на медицина кој се стекнал со лиценца веднаш почнува со шест месечна пракса која за прв пат му е платена со 30 000 денари месечно;
  • Во врска со последната точка за стопирање на реформи кои наводно се спроведуваат во сред пандемија, Министерството за здравство информира дека реформата не започнува од 1 јули 2020, туку на истата се работи од крајот на 2018 година, а дискутирана е повеќе пати пред претставници на сите здруженија на лекарите од примарна здравствена заштита.

Back to top button
Close