Здружението на судии соопшти дека нивните плати се ниски, достигнуваат до 86 илјади денари
Основно правно начело согласно домашните и меѓународните правни стандарди е да не се коментира неправосилна судска одлука, се со цел да не се влијае на понатамошната судска постапка и одлучување на повисок степен. Заради тоа и во овој случај, иако како судство сме прозвани за донесената неправосилна пресуда за предметот познат како „ Онкологија“ – донесена врз основа на признание на вина, Здружението на судии на РСМ, ќе ги почитува правните стандарди и нема да даде свој коментар, порачаа денеска од Здружението на судии како реакција на коментарите на премиерот Христијан Мицкоски.
По однос „вечната тема“ платите на судиите во земјава, Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста.
-Платите на најголем број на судии во Основните судови во РСМ, со фамозното „зголемување“ од 78 проценти, достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ. Ваквите плати на судиите и секако судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко, порачаа од Здружението на судии.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот дека не се согласува судиите и обвинителите да земаат повисоки плати, како што предвидуваат реформските закони во правосудството, бидејќи одлуките што ги носат и рејтингот што го имаат, според него, покажуваат дека не ги заслужуваат.