Зеќири ги побара Битиќи, Бочварски и Макрадули за сведоци

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, заедно со неговиот адвокатски тим до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за сведоци на одбраната во текот на процесот каде тој е обвинет да бидат повикани актуелниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и поранешниот директор на „Пошта“ Јани Макрадули.

Предлог за тие да се додадат на листата сведоци покрај претходно предложените, до судот бил поднесен вчера пред денешниот старт на судскиот процес каде Зеќири е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување во однос на склучување, без јавна набавка, на два договори за консултантски услуги – едниот за определување модел за реконструирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.

За актуелните функционери, посочија адвокатите на Зеќири, се бара да сведочат бидејќи тие се членови на економскиот тим на Владата и се запознаени со она што е работено. Со тоа, сакаат да ги побијат тврдењата дека договорите се потпишувани во четири очи.

Обвинителката Катерина Коларевиќ, пак, која во воведните зборови наведе дека иако Зеќири имал задолжение од Влада за овие постапки, тоа не значи дека му дале одврзани раце да склучува договори во четири очи односно без јавна набавка.

Back to top button
Close