Зеколи: Експертска влада e обид преку подрум да се влезе во власта

Има ли воопшто кај нас експерти, кои на директен или посреден начин не се поврзани со која било од постоечките партии или олигархиски групировки? Се сомневам, вели Арсим Зеколи

Влада, која има потфрлено на сите полиња, но опстојува поради непопуларноста на опозицијата, оценува аналитичарот Арсим Зеколи

Нужност од брзи предвремни избори или формирање експертска влада, се дел од пораките што стигнуваат од опозициските партии, на кои власта одговара: избори ќе има, ама не предвремени, туку редовни во 2024 година. Претседателот на опозициската Алијанса за Албанците (АА), Зијадин Села, вчера порача дека постојат повеќе аргументи зошто треба да се формира нова влада.

„Сегашната Влада предводена од Димитар Ковачевски нема легитимитет, затоа што тој не е избран на избори. ДУИ нема легитимитет затоа што ветуваше прв премиер Албанец, но тоа не го исполни. Тука се и проблемите со уставните измени, процесот на водење на државата на преговорите со ЕУ, нефункционалноста на државата поради корупцијата и многу други работи“, порача Села од Тетово.

Темата ќе станува сѐ подоминантна, бидејќи по жешкото политичко лето доаѓа уште пожешка есен, пред сѐ, на економски и енергетски план, период во кој партиите повторно ќе ги вкрстат копјата по прашањето за (не)способноста на власта за справување со актуелните проблеми.

„Нам ни се повторува истото сценарио од последните 3-4 години на владеењето на Груевски“, оценува амбасадорот и аналитичар Арсим Зеколи, и набројува со што се соочуваме денес.

„Влада, која има потфрлено на сите полиња, но опстојува поради непопуларноста на опозицијата. Опозиција која ужива популарност поради негативниот набој кон Владата, но не нуди ништо со што би ги убедила граѓаните дека тие би биле троа подобри од сегашните владетели. Го имаме СДСМ кој се обидува да се реформира, но не знае кон што и со кого. Ја имаме ДУИ која цинично ја реплицира груевистичката формула на партиска олигархија обоена со етно-патриотизам. Го имаме ВМРО-ДПМНЕ, кое со ширење на параноја и хистерија паѓа во секоја стапица на власта, која систематски ги демантира нивните панични аргументи и им ја девалвира опозициската кредибилност. Останатите партии полека се помируваат со улогата на пајтон-партии“, ја опишува Зеколи сегашната слика на политичката сцена.

Лидерската двојка на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и Арбен Таравари побара формирање на експертска владаЛидерската двојка на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и Арбен Таравари побара формирање на експертска влада

Да“ или „не“ за експертска влада?

Деновиве, потпретседателот на АА, Арбен Таравари, предложи формирање на привремена експертска влада, за која треба да се договорат сите партии.

„Не е доволно само да се фокусираме на проблемите. Решението се состои во два збора, техничка влада. Без партиски натпревар, затоа што ако нешто ни стана јасно досега е дека таквите натпревари се манипулираат и нема победник, туку победен. Партискиот каприц треба да излезе од вратата и од ѕидовите на владините седишта и да почне да функционира кабинет кој наместо своите ќе ги полни џебовите на граѓаните (…) Сега е време на сите оние дами и господа кои се истакнаа во аулите на домашните и меѓународните универзитети, кои си ја сакаат земјата и народот, да дојдат до израз. Сега е време да владеат експерти”, напиша Таравари на Фејсбук.

Во многу граѓански реакции на актуелните проблеми, преовладува идејата дека би било добро да се формира експертска влада, со што во време на повеќе кризи би се намалил апетитот за „власт заради власт“. Од експертската влада очекуваат да го премости периодот натоварен со економски и енергетски проблеми, корупцијата, невработеноста, партизираната администрација, горливите проблеми во здравството и образованието, но и во дипломатијата, во контекст на актуелните предизвици со Бугарија.

Но, во пакет со оваа идеја оди и сомнежот – кој гарантира дека тие експерти не се продолжена рака на партиите, и повторно сѐ да заврши исто? На таа дилема укажува и Зеколи.

„Барањата за експертски, технички влади, се обиди за посредно, преку подрум влегување во власта, но се крајно неубедливи поради едноставното прашање: има ли воопшто кај нас експерти, кои на директен или посреден начин не се поврзани со која било од постоечките партии или интересни олигархиски групировки? Се сомневам“, вели тој.

Арсим Зеколи, поранешен дипломат и аналитичарАрсим Зеколи, поранешен дипломат и аналитичар

Факторот време

Во најголемата опозициска партија, сметаат дека во интерес на државата е што поскоро да има предвремени избори. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и фрли ракaвица на власта и побара веднаш да се свика седница на која ќе биде точката за отпочнување на процесот за уставни измени (за внесување на Бугарите во Уставот), а доколку власта не обезбеди 80 пратеници кои ќе гласаат за тоа, да се оди на предвремени парламентарни избори.

„Парламентарни избори ќе има во 2024 година, во редовниот термин и на тие избори Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе изгубат, затоа што нивните деструктивни политики немаат поддршка од граѓаните. До следните парламентарни избори, државата ќе продолжи по европскиот пат, Владата, парламентарното мнозинство и институциите продолжуваат со реформите важни за граѓаните и државата“, одговорија од СДСМ.

На власта не и се брза – велат дека има 16 месеци за да се спроведат уставните измени. Обезбедувањето на двотретинско мнозинство за таа цел засега се потпира на надеж и на очекувана свест за важноста на процесот за интеграција во ЕУ.

Според Зеколи, и власта и опозицијата се водат од две сосема погрешни, па дури и наивни премиси.

„Власта е убедена дека поради надворешната поддршка ќе преживее до редовните избори во 2024 година, додека пак опозицијата е убедена дека сѐ што треба е да го храни гневот и да чека Владата им падне во раце. А притоа двете страни не сакаат да извлечат поуки од настаните кои претходеа на шарената револуција и леснотијата со која се расипаа пресметките и на Груевски и надежите на Црвенковски. Оваа состојба е слична на тогашната согласност на домашното општество и меѓународната заедница дека се нужни поголеми промени од оние кои ги нуди власта или ги замислува опозицијата“, вели Зеколи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ гледа нужност за предвремени избори во земјатаОпозициската ВМРО-ДПМНЕ гледа нужност за предвремени избори во земјата

Втората премиса е дека политичкиот естаблишмент, Владата и опозицијата, споделуваат чудна и погубна логика дека нивниот таргет е изборната 2024 година.

„Тоа е логика која Владата ја прави инертна и опортунистичка, додека пак опозицијата ја прави контраријанска, хаотична и безидејна. За разлика од нив, меѓународната заедница – поради пошироките геополитички настани – бара и ќе инсистира на далеку покуси, поефикасни и конкретни резултати за забрзано заокружување на интегративните процеси. Тоа е факторот време кој не оди во прилог ниту на Ковачевски ниту на Ахмети и најмалку на Мицкоски. Мислам дека во последната година, година и пол, се одвиваше тивка интервенција на разбивање на одредени клановски структури и нивно отстранување од политичката сцена, со цел создавање простор за пробив на некои нови фактори и некоја нова генерација ликови со сосема поинакво разбирање на јавната служба и разбирањето на реформите. Какви и да се сегашните пресметки на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, цврсто сум убеден дека на следите редовни избори нивната доминација ќе биде изложена на досега најтешките искушенија“, оценува Зеколи.

Back to top button
Close