„Зелен хуман град“: И со праг од еден отсто во Скопје ќе треба повеќе потписи за советничка листа отколку за пратеници
И со праг од еден отсто потписи од граѓаните кои имаат право на глас, независните листи за советници во Град Скопје ќе треба да соберат повеќе потписи од една пратеничка листа, реагираат од „Зелен хуман град“ (ЗХГ), неформалната иницијатива од 20 организации и активистички групи, која најави учество на претстојните локални избори.
Нивната реакција доаѓа по вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека предложениот праг од два отсто во предлог-измените на Изборниот законик ќе се симне на еден отсто или целосно ќе биде отстранет. Исто така, ЗХГ испратија писмо со пет барања до претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда и до Собранието кои се однесуваат на законските измени што веќе се во собраниска процедура.
„Веруваме дека премиерот Заев е свесен дека со неговите калкулации ќе бидат потребни повеќе потписи за независна советничка листа за Град Скопје отколку за пратеничка листа? За кандидирање на парламентарни избори, независна листа треба да собере 1 000 потписи од цела изборна единица, а за Град Скопје, со зголемувањето на прагот на еден отсто, треба да се соберат 5 000 потписи, колку што на локалните избори во 2017 г. „тежел“ еден советнички мандат. Интересно, членот од Изборниот законик во кој е уреден бројот на потребни потписи за кандидирање пратеници преку независна листа не е предмет на измена сега. Ќе биде ли менуван пред следните парламентарни избори ако се кандидира ’Зелен хуман град‘ со своја независна листа“,
реагираат од „Зелен хуман град“.
Прагот да се намали, а потписи да се собираат и на улица
Едно од барањата во писмото е токму за прагот. Бараат прагот за потписи за независни листи на локално ниво да се намали десеткратно од она што е пропишано во актуелниот во Изборниот законик, но и да се овозможи потписи да се собираат надвор од канцелариите на ДИК, односно на улица, со приложување лична карта. Тоа, велат од иницијативата, е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР од 2017 година, во кои е наведено дека „треба да се размисли за обезбедување алтернативни методи за собирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување“.
„Потенцираме дека максимумот од еден отсто, согласно со Кодексот за добри изборни практики од Венецијанската комисија, не е компромисно решение, бидејќи е спротивно на суштинската препорака од Венецијанската комисија, која вели дека измените поврзани со прагот за собирање потписи за кандидатура не смее да бидат пречка за кандидирање на граѓаните за јавни функции. Оттука, не смее да се продолжи со наведување на јавноста дека прагот од еден отсто е разумно решение, како што е случајот со вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев“,
велат од „Зелен хуман град“.
Од иницијативата сакаат овие забелешки и барања, како и останатите, да ги кажат на јавна дебата, а не измените да бидат предмет на пазарење меѓу политичките партии, па оттука доаѓа уште едно од нивните барања наведени во писмото – да се отвори јавна дебата во која ќе учествува и нивен член покрај другата заинтересирана јавност. Тие потсетуваат и дека ставот на претседателот Пендаровски е оти измените треба да бидат донесени со „поширок политички и општествен консензус постигнат не само меѓу власта и опозицијата, туку и со релевантните организации од граѓанските сектори“.
Забелешки и за отворените листи и рекламирањето
Споменатиот праг, кој беше во фокусот на јавноста изминатите денови, не е единствената забелешка на „Зелен хуман град“. Тие бараат моделот на отворени листи, кој треба да се воведе за локалните избори, да биде јасен, а не збунувачки за да не се создаде и висок процент на неважечки ливчиња во корист на големите партии. Како што потенцираат од иницијативата, тоа не треба да се воведува сега.
Уште едно од барањата што ги наведуваат е промена на начинот на кој ќе се распоредува рекламниот простор.
„Бараме секакви измени на ИЗ кои ги предвидувате, а кои подразбираат рекламирање во медиумите и каков било простор на останатите чинители, во никој случај да не бидат во корист на големите партии, зашто тоа е одлика на режими, а не демократии, каде што се поттикнува и овозможува политички плурализам. Имено, бараме да се повлечат измените предвидени со членовите 22, 23 и 26 од предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кои предност во користење на медиумска поддршка во изборната кампања имаат четирите најголеми партии (дури 90 отсто), а за останатите, во кои спаѓаат и независните советнички групи, е определена рамка од само десет отсто“,
велат од „Зелен хуман град“.
Овие предлог-измени конкретно предвидуваат дека рекламирањето и парите за реклами се делат на начин што 45 отсто одат за двете најголеми партии од власта, исто толку и на двете најголеми опозициски партии, а помалите парламентарни и вонпарламентарни партии, како и независните, го делат остатокот од десет отсто.
Во последното од листата барања, иницијативата повторно се повикува на препораките од ОБСЕ-ОДИХР и велат дека менувањето на Изборниот законик треба да се прави најдоцна шест месеци пред одржувањето на изборите.