Зеленски го отфрли унгарскиот предлог за божиќно примирје
Унгарија ѝ предложила на Украина да воспостави прекин на огнот за време на Божиќ и да ги разменат воените заробеници со Русија, но украинскиот претседател Владимир Зеленски ја отфрлил оваа мировна иницијатива, објави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„На крајот на унгарското претседателство со Европската унија, повторно направивме напори за постигнување мир. Предложивме прекин на огнот за време на Божиќ и голема размена на затвореници. Жално е што претседателот Зеленски недвосмислено го отфрли овој предлог и го исклучи од разгледување. Направивме се што можевме!“, напиша Орбан на својот профил на социјалната мрежа „X“.
Украинскиот лидер претходно го коментираше телефонскиот разговор меѓу унгарскиот премиер и рускиот претседател Владимир Путин, кои разговараа за можноста за воспоставување долгорочен и одржлив мир во Европа.
„Се надеваме дека Виктор Орбан барем нема да го покани (поранешниот сириски претседател Башар) Асад во Москва… Не треба да се игра на картата на сопствениот имиџ заради единство – треба да се грижите за заедничкиот успех… Разговори за Украина не може да се водат без Украина“, напиша Зеленски на својот канал на Телеграм