Зеленски: Идејата за отстапување на територија на Русија е неприфатлива за Украина

За Украина е неприфатлива каква и да било идеја за отстапување на дел од својата територија на Русија, бидејќи тоа е прашање што го засега нејзиниот суверенитет, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференцијата по неговото денешно учество на Самиотот на ЕУ во Брисел.

Изјавата на Зеленски беше одговор на новинарско прашање во врака со информациите дека врз Украина се врши притисок да се согласи на „размена на територии“ со отстапување на Донбас на Русија.

– Не е размена на територии доколку заменуваш своја територија за своја територија. Не е размена кога заменуваш ништо за своја територија. Тоа е само желба на некого и не знам зошто е така. Да се каже Русите нема да ви бараат дополнителна територија ако им дадете дел од вашата, не е размена. Тоа е лудо. Не знам што е, но тоа не е размена, рече украинскиот претседател.

Според него, потребно е зголемување на притисокот врз Русија, а еден од начините за тоа е искористување на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина и тоа не само за хуманитарни цели, туку и за одбрана.

– Ние треба да се одбраниме. Да се одбраниме и да одговориме. Ако не сакаме да им дадеме шанса (на Русите) да победат, не треба само да се браниме, изјави Зеленски, изразувајќи надеж дека лидерите на ЕУ на денешниот Самит ќе донесат позитивна одлука за користење на замрзнатите руски средства.

Според Зеленски, таа сума што Украина би ја добила од замрзнатите руски средства би ги искористила за зајакнување на домашно одбранбено производство и за набавка европско и американско оружје,

Зеленски им се заблагодари на европските лидери за поддршката за Украина и за усвојувањето на 19-тиот пакет санкции за засилување на притисокот врз Русија, а изрази и благодарност до американскиот претседател Доналд Трамп за, како што рече, енергетските санкции.

– Тоа е многу важен сигнал и притисок. Ние сме благодарни и за сигналот од ЕУ за финансиска поддршка за Украина за 2026 и 2027 година, рече Зеленски.

Според него, Украина е благодарна и до сите оние европски земји што се приклучија кон иницијативата на САД за купување американско оружје, кои ќе им биде отстапено на украинските вооружени сили.

– Нашите пријатели од ЕУ се со нас од самиот почеток на војната и тие сторија многу важни работи за нас, рече Зеленски.

На прашање дали во наредните денови ЕУ планира да предложи мировен план за Украина, Зеленски рече дека не знае дека постои некаков европски план, но дека Киев разговара со своите партнери и добри пријатели за начините за постигнување мир.

– Сакаме да бидеме подготвени. Не би сакал некој од некаде на масата да донесе некаков план од некого од Русија преку една или трета земја, рече Зеленски.

Според него, за да се разговара за некаков мировен план прво треба да се постигне прекин на огнот и Русија да биде подготвена да преговара.

– Русија засега не покажува дека сака да ја запре оваа војна. Ако се засили притисок врз Русија и тие ќе седнат и ќе преговараат. Мислам дека тоа е планот, додаде Зеленски.

На почетокот на прес-конференцијата Зеленски изрази сочувство да семејствата и блиските на новинарката и камерманот на телевизијата „Слобода“ убиени во руски напад во Краматорск. При нападот бил повреден уште еден новинар .

– Севкупно од 2022 година Русија уби 155 медиумски работници, единствено затоа што тие ја прикажуваа вистината за оваа војна и вистината за руската агресија, рече Зеленски, при тоа изразувајќи благодарност до сите новинари за нивната работа и поддршката за Украина.

Back to top button
Close