Зеленски: Имав многу добар разговор со Трамп за подготвеноста да ја поддржи Украина
„Беше многу добар разговор. Му се заблагодарив на Трамп за неговата подготвеност да ја поддржи Украина и за понатамошна соработка со цел да се запре убивањето и да се воспостави траен и праведен мир“, напиша Зеленски на Телеграм.
Украинскиот претседател додаде дека со Трамп се согласиле во иднина почесто да разговараат со цел да ги координираат чекорите.
Трамп вчера соопшти дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин и „многу незадоволен“ од Русија, додавајќи дека сака војната во Украина да заврши.
„Ќе произведуваме врвно оружје и тоа ќе биде испратено во НАТО“, рече Трамп, додавајќи дека сојузниците на Вашингтон во НАТО ќе платат за оружјето.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја потврди изјавата на Трамп и ја опиша како „сосема логична“.
Вредноста на оружјето се мери во милијарди евра, а оружјето би ги вклучувало и противвоздушните ракети „Патриот“ кои на Украина итно ѝ се потребни за да ги брани своите градови од руските воздушни напади.