Зеленски: Нападот врз Киево-печерската лавра е злосторство против христијанската култура

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди рускиот напад врз Киево-печерската лавра (Киевско-печерска лавра), оценувајќи го како едно од најтешките злосторства против христијанската култура од почетокот на војната.

Станува збор за историски православен христијански манастирски комплекс кој се наоѓа во Киев, Украина. Овој коплекс претставува најстаро православно светилиште на Источните Словени, кое било основано во 1015 година во времето на Киевска Рус. Комплексот бил основан во времето на староукраинскиот кнез Јарослав Мудриот. Објектот се наоѓа на два рида кои гледаат кон реката Днепар.

„Рускиот напад врз Киево-печерската лавра го запали Успенскиот соборен храм – црква чија историја датира од 11 век. Ова е едно од најтешките злосторства на Русија против христијанската култура досега“ – напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.

Тој ги повика земјите од Г7 да го зголемат притисокот врз Москва и да ја зајакнат поддршката за украинската противвоздушна одбрана.

„Многу е важно земјите од Г7 да дадат решителен и суштински одговор – повеќе притисок врз агресорот и повеќе поддршка за украинската противвоздушна одбрана, особено за системите за одбрана од балистички ракети“ – истакна Зеленски.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, исто така ги осуди последните руски напади врз Украина. Тој изјави дека нападот врз Киево-печерската лавра е еднаков на бомбардирање на катедралата „Нотр Дам“ или на базиликата „Сен Дени“ во Франција.

– Станува збор за локалитет од светското културно наследство на УНЕСКО. За нас во Франција тоа е еднакво на бомбардирање на „Нотр Дам“ или „Сен Дени“ – нешто целосно неприфатливо – рече Баро при пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека извело „масовен напад“ врз објекти на украинската воена индустрија во Киев, како и во Харков и во Днипро. Според руската страна, сите планирани цели биле погодени, а нападите биле одговор на украинските напади врз руска територија.

Украинските власти, пак, соопштија дека во серијата руски напади загинале најмалку девет лица, меѓу кои и во Киев.

Back to top button
Close