Зеленски предлага тројна средба меѓу него, Трамп и Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на тројна средба со Доналд Трамп и Владимир Путин, како обид да ја принуди Москва да ја запре инвазијата врз Украина.
„Ако на Путин не му е удобно да има билатерален состанок или ако сите сакаат тоа да биде трилатерален состанок, немам ништо против. Подготвен сум за секаков формат“, рече Зеленски во коментарите објавени во среда (28 мај).
Тој, исто така, рече дека „многу би сакал“ Трамп да ги погоди банкарскиот и енергетскиот сектор на Русија со пакет строги санкции како одговор на бранот руски воздушни напади и одбивањето на Москва да се согласи на прекин на огнот.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го нападна лидерот на Кремљ, Владимир Путин, откако Русија на 26 мај го заврши тридневното бомбардирање со својот најголем воздушен напад во војната што трае повеќе од три години.
Трамп рече дека досега ја „заштитил“ Русија од болни мерки, но наговести дека губи трпение бидејќи Путин продолжува да го игнорира неговиот притисок за прекин на огнот.
„Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека ако не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија, и мислам НАВИСТИНА ЛОШО. Тој си игра со оган!“ рече тој во објава од 27 мај на мрежата Truth Social