Зеленски: Предлогот на САД за поделба на нуклеарката Запорожје на три дела е „неправеден“

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека САД предложиле компромисно решение според кое нуклеарната централа Запорожје (ЗНЦ) би била поделена меѓу три страни – Украина, САД и Русија. Тој нагласи дека ваквиот план го смета за неправеден, пренесува Укринформ.

Украинскиот претседател оваа изјава ја даде како одговор на новинарски прашања, појаснувајќи ја содржината на разговорите со американските партнери.

– Соединетите Американски Држави предложија компромис, како што го гледаат тие, според кој централата треба да продолжи да постои и да функционира, и во одредени пропорции да биде поделена на три дела. Разговаравме за ова детално и им кажав дека тоа го сметам за неправедно, изјави Зеленски.

Според него, проблемот не е само во сопственоста на објектот, туку и во низа технички и безбедносни предизвици. Зеленски посочи на милитаризираниот статус на централата, нејзината влошена состојба и немањето пристап до основните ресурси како вода и електрична енергија.

– Има и проблем што нашиот тим, нашите луѓе, работат таму и треба да продолжат да работат. Кога централата ќе започне да работи со полн капацитет, таму ќе има поголем тим од украински специјалисти. Прашањето е каде ќе живеат тие луѓе?, истакна тој.

Зеленски додаде дека сите овие прашања мора да бидат усогласени со Меѓународната агенција за атомна енергија (МААЕ). Како клучен проблем го наведе и прашањето за обнова на браната која беше разнесена од руските сили. – Мора да има брана – онаа што Русите ја разнесоа. Тие ја разнесоа. И кој ќе плати за тоа сега? Има повеќе прашања отколку одговори, заклучи украинскиот претседател.

Back to top button
Close