Зеленски предупредува: Русија со нова тактика ги таргетира железницата и водоснабдувањето

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, соопшти дека со регионалните власти разговарал за новата руска тактика на масовни напади, кои сѐ почесто се насочени кон логистички објекти и водоснабдителна инфраструктура.
Во своето вечерно обраќање, Зеленски појасни дека цел на нападите се пред сè железничката мрежа и системите за водоснабдување, нагласувајќи дека заканата мора сериозно да се сфати на локално ниво за да се преземат соодветни заштитни мерки.
„Противвоздушната одбрана, Министерството за одбрана и владините структури добија конкретни задачи. Очекувам координирана и навистина брза реакција на сите нивоа“, изјави украинскиот претседател.
Тој посочи дека Министерството за одбрана, во соработка со армијата, мора дополнително да ја засили заштитата од руски беспилотни летала во пограничните подрачја, каде што се зачестени нападите врз цивилни возила, служби за итна помош и екипи за санација на штети.
Според Зеленски, искуствата од регионите на првата борбена линија треба ефикасно да се применат и во Сумската и Чернихивската област.
Во ноќта меѓу 21 и 22 февруари, руските сили извршиле комбиниран напад врз објекти од клучната инфраструктура. Украинските воздухопловни сили регистрирале 345 воздушни закани, при што биле соборени или електронски оневозможени 33 ракети и 274 беспилотни летала.
Зеленски наведе дека речиси 300 јуришни дронови и околу 50 ракети биле насочени кон Киев и неговата околина, како и кон Дњипропетровската, Кировоградската, Николаевската, Одеската, Полтавската и Сумската област.
Во нападот врз Киевската област загинало едно лице, додека 17 биле повредени, меѓу кои и четири деца, соопштија украинските власти.
Извор: skopje1.mk






