Зеленски пристигна во градот Џеда во Саудиска Арабија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Саудиска Арабија, соопшти претседателскиот советник Дмитро Митвин, пренесува Укринформ.

Зеленски ќе се сретне со саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман, пред утрешната официјална средба меѓу делегациите на Украина и САД.

Саудиската државна телевизија објави дека Зеленски слетал во пристанишниот град Џеда, на брегот на Црвеното Море, каде што утре ќе се одржи состанокот меѓу претставниците на Киев и Вашингтон.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денеска изрази оптимизам во врска со планираните разговори во Саудиска Арабија, но нагласи дека сè уште има многу детали што треба да се договорат, особено во врска со договорот за ретките земни елементи меѓу Вашингтон и Киев.

Говорејќи пред новинарите на пат кон Џеда, каде што ќе се сретне со високи претставници на Украина, Рубио изјави дека е важно Вашингтон да ја разбере позицијата на Киев и да добие појасна слика за можните отстапки што би биле подготвени да ги направат украинските власти.

Ова ќе биде првата официјална средба меѓу Украина и САД по неуспешната посета на Зеленски во Белата куќа. Специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, изјави дека оди на разговорите со големи надежи.

Американски медиуми оценуваат дека е мала веројатноста Зеленски да се сретне со Рубио.

Украинскиот претседател изјави дека во преговорите ќе учествуваат неговиот шеф на кабинет Андриј Јермак, министерот за надворешни работи Андриј Сибига и министерот за одбрана Рустем Умеров.

Back to top button
Close