Зеленски: Русија сака да ја искористи ситуацијата околу Иран за да се извлече од санкциите

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска изјави дека Русија се обидува да ја искористи ситуацијата околу Иран за да се извлече од меѓународните санкции и да обезбеди дополнителни ресурси благодарение на флуктуирачките цени на нафтата и гасот.

„Детално ги анализираме достапните податоци за намерите на руското раководство да ја искористи ситуацијата околу Иран и евентуалното продолжување на американската воена операција. Всушност, ова е главната пресметка на Русија – да го зголеми ризикот од долгорочна војна на Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив, со цел максимално да го ослаби светскиот притисок врз Русија поради војната против Украина, да се извлече од режимот на партнерски санкции и да се добијат дополнителни ресурси благодарение на флуктуацијата на цените на нафтата и гасот“, напиша Зеленски на каналот Телеграм, откако доби извештај од шефот на Главната дирекција за разузнавање на украинското Министерство за одбрана, Олег Ивашченко, пренесува Укринформ.

Според него, постојат и податоци за намерите на руските власти да го покренат прашањето за целосно укинување на санкциите во енергетскиот сектор.

„Ги утврдуваме мерките на нашиот одговор и ќе ги информираме нашите партнери за тоа“, рече украинскиот претседател.

Тој, исто така, им нареди на разузнавачките служби да ја интензивираат работата за ограничување на потенцијалот на рускиот воено-индустриски комплекс.

Цените на нафтата во текот на вчерашниот ден пораснаа за повеќе од 25 проценти, на највисокото ниво од средината на 2022 година, поради намалените испораки од големите производители и стравувањата од продолжено нарушување на поморскиот сообраќај поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.

Трамп синоќа изјави дека неговата администрација ќе се откаже од одредени санкции поврзани со нафтата за да ги намали цените.

Изјавата е дадена во време кога цените на нафтата растат откако САД и Израел го нападнаа Иран, а потрошувачите плаќаат сè поскапо гориво на пумпите, објави Си-Ен-Ен.

Трамп не прецизираше кои санкции ќе бидат укинати.

„Имаме санкции против некои земји. Ќе ги отстраниме тие санкции додека не се стабилизира ситуацијата“, истакна тој.

Иран и Русија се меѓу земјите со најстроги санкции, а обете се богати со нафта.

Неодамна, Трамп ѝ одобри на Индија ослободување од царини, дозволувајќи ѝ да увезува повеќе руска нафта, како дел од трговскиот договор со САД, кој предвидуваше намалување на купувањата на Индија од Русија.

Back to top button
Close