Зеленски ѝ се обрати на нацијата по оставката на Јермак

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се огласи откако шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, поднесе оставка.

На социјалната мрежа Фејсбук, Зеленски нагласи дека Русија „едвај чека Украина да направи грешки“, но порача дека Украина нема да потклекне.

– Нашата работа продолжува. Нашата борба продолжува. Немаме право да се повлечеме или да се свртиме едни против други. Ако го изгубиме единството, ризикуваме да изгубиме сè – себеси, Украина и нашата иднина. Мора да стоиме заедно. Мора да издржиме. Друг избор нема, рече Зеленски.

Зеленски му се заблагодари на Јермак за досегашната работа и најави дека во наредните денови ќе изврши консултации за нов шеф на кабинетот.

Досега Зеленски одолеваше на притисоците да го смени Јермак, а според извештаите на светските медиуми, нивниот однос бил близок.

За време на владеењето на претседателот, Јермак долго време важеше за еден од најмоќните луѓе во Киев, додека Зеленски беше „лицето на војната“ во Украина.

– Зеленски се обидува наивно да ја сочува својата позиција на сметка на своите сојузници, изјави амбасадорот на руското Министерство за надворешни работи, Родион Мирошник, на својот Телеграм канал коментирајќи ја оставката на Јермак.

Според портпаролот на Министерството за надворешни работи, ненадејното отпуштање на Јермак укажува на тоа дека Националното биро за борба против корупцијата на Украина има значителни докази за коруптивни активности. Тој напомена дека украинскиот лидер „сега се обидува да купи време за да ја спаси сопствената иднина“.

– Зеленски сè уште наивно верува дека, со предавање на своите соучесници, самиот ќе избегне затвор или барем ќе купи време за преговори за своите лични перспективи, напиша Мирошник.

Јермак поднесе оставка на денот на претресот во неговата куќа во Киев.

Во тој контекст, поранешниот украински премиер, Никола Азаров, изјави дека Зеленски не можел да не знае за вмешаноста на Јермак во корупциски шеми. Политичарот нагласи дека украинскиот лидер немал друг избор освен да ја прифати оставката на својот вработен.

Back to top button
Close