Зеленски вети дека Украина ќе одговори на масовниот руски напад врз Киев

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска вети дека неговата земја ќе одговори на масовниот руски напад врз главниот град Киев во текот на ноќта.
– Русија напаѓа цивилни цели само за да ја принуди Украина да се откаже од својата државност, да внесе раздор меѓу граѓанското општество и војската. На тоа сметаа во текот на целата војна. Тоа нема да се случи – рече Зеленски. Тој додаде дека Украина „сигурно“ ќе возврати.
Бројот на жртви во нападот во Киев во меѓувреме се искачи на 21. Осумдесет и пет лица, меѓу кои и две деца, беа повредени, објави Укринформ, повикувајќи се на Државната служба за вонредни состојби на Украина.
Украинската полиција соопшти дека нивните полицајци пронашле остатоци од руска крстосувачка ракета Х-69 со касетна боева глава во областа Оболонски.
Ова беше еден од најмасовните руски напади врз Киев од почетокот на војната пред повеќе од четири години.
Руското Министерство за одбрана во соопштение наведе дека нападот е одговор на украинските напади што предизвикаа недостиг на гориво во земјата.
Еден лекар е убиен, а една медицинска сестра е ранета во руски напад врз медицинска установа во јужниот украински град Херсон, објави и Укринформ, повикувајќи се на началникот на регионалната воена администрација, Олександр Прокудин.
Во соседниот Запорожје, три лица се ранети во напад врз административниот центар на градот Запорожје, соопшти на Телеграм началникот на регионалната воена администрација, Иван Федоров.






