Зеленски за вмешаноста на Украина во нападите на „Северен тек“: Искрено, смешно е

Украина не е вмешана во нападите на гасоводите „Северен тек“, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Тоа е смешно, да бидам искрен“,им рече Зеленски на новинарите по неодамнешните медиумски извештаи кои ги поврзаа експлозиите на гасоводот со проукраинските групи.

Информациите за наводната поврзаност на Киев со нападите на Северен тек се шират со цел да се забави помошта на Западот за Украина, додаде Зеленски.

„Мислам дека е многу опасно некои независни медиуми, кои секогаш ги третирав со голема почит, да преземаат такви чекори“,

рече Зеленски, пренесува „Суспилне“.

Откако „Њујорк Тајмс“ објави дека саботажата на гасоводот Северен тек ја извршила проукраинска група, слична приказна објави и германскиот јавен сервис АРД, кој ја истражувал оваа тема во соработка со уште неколку германски медиуми, меѓу кои неделникот „Ди цајт“.

АРД објави дека германските истражители – истрагата ја води германското државно правобранителство – успеале да идентификуваат брод што наводно бил користен за тајна саботажа на гасоводот. Наводно, се работело за јахта изнајмена од компанија со седиште во Полска која е во сопственост на двајца Украинци.

Според истрагата, тајната операција на море ја извршила екипа од шест лица – пет мажи и една жена. Групата се состоела од капетан, лекар, двајца нуркачи и двајца нуркачки помошници кои го транспортирале експлозивот до местото на злосторството и го ставиле таму. Националноста на сторителите останува нејасна, а истражителите веруваат дека користеле професионално фалсификувани пасоши кои наводно биле користени за изнајмување на чамецот.

Back to top button
Close